понеделник, 18 мај 2026

Сомалиските пирати се враќаат: нова закана за светската трговија

Три киднапирани брода за три недели најавуваат нова криза што дополнително ќе ги подигне цените и ќе ги загрози глобалните синџири на снабдување.

Фото: АИ

Објавено на

часот

Сподели

Изминатите два месеци беа кошмарни за глобалниот бродски сообраќај, со Ормускиот теснец, кој главно е затворен за комерцијален сообраќај и закани од нови напади врз пловила во Црвено Море. Сега се подготвува и трета криза – враќањето на сомалиските пирати.

Уште пред последните ескалации меѓу САД, Израел и Иран, околу половина од бродовите што од Азија и Заливот одат кон Европа го заобиколуваа Црвено Море и Суецкиот Канал поради претходните напади на хутите, кои се поддржани од Иран. Соочени со заканата од напади околу теснецот Баб ел Мандеб, тесното грло меѓу Црвено Море и Аденскиот Залив, големите бродски компании се решија за долг заобиколен пат околу јужна Африка.

Ова пренасочување додава две до три недели и илјадници наутички милји на патувањето, водејќи ги бродовите директно покрај брегот на Сомалија – токму во истите води каде што сомалиските пирати водеа повеќегодишна кампања на киднапирања што го достигна врвот во 2011 година. Оттогаш беа пријавувани само повремени инциденти.

Загрижувачко враќање на пиратите

Во тој дел од морето пиратството сега жестоко се враќа, со три брода киднапирани кај Сомалија и блискиот Јемен само во последните три недели. Според податоците од 8 мај 2026 година, танкерите „Онор 25“ и „Јурека“, како и товарниот брод „Сворд“, и натаму се под контрола на пиратите.

Експертите веруваат дека организираните криминални групи во Сомалија ја користат војната со Иран како можност за киднапирања, бидејќи меѓународните поморски патроли, првпат распоредени во 2008 година, сега се преоптоварени со случувањата околу Ормускиот теснец и Црвено Море.

Тим Вокер, виш истражувач за транснационални закани и организиран криминал во Институтот за безбедносни студии во Јужна Африка, вели дека пиратите сега гледаат помалку пречки долж брегот на Сомалија долг 3.300 километри, кој е најдолг во цела континентална Африка.

„Некои групи, организирани од пиратски ‘кралеви’, сега бараат можност да запленат пловила и да го држат екипажот како заложници за откуп – понекогаш барајќи високи суми за нивно безбедно враќање“, рекол Вокер за Дојче веле.

Операцијата „Аталанта“ на Европската Унија, поморска мисија задолжена за заштита на бродовите кај Сомалија, одржува постојано присуство во западниот дел на Индиски Океан, но таа не обезбедува придружба за секој брод и е одговорна за патролирање на огромни подрачја.

Добро финансирани и опремени пирати

Според компанијата за поморски податоци Лојдс лист интелиџенс, постојат најмалку две активни пиратски групи, главно базирани во Пунтланд, полуавтономен регион во североисточна Сомалија. Се чини дека се многу добро опремени.

Пиратите заплениле големи традиционални пловила познати како „дау“, кои се користат за риболов и локална трговија, и ги претвориле во свои матични бродови. Тие им овозможуваат да го прошират досегот и да останат на море со недели пред да ги искористат како платформи за напади врз комерцијални бродови.

„Некои од последните киднапирања вклучуваа големи бродови ‘дау’, за кои се потребни навигациски системи, оружје и опрема за качување“, изјави за Дојче веле Троелс Бурчал Хенингсен, доцент на Данскиот институт за стратегија и воени студии. „Тоа е голема операција што бара вложувања.“

Натамошен раст на транспортните трошоци

Лидерите на бродската индустрија предупредуваат дека секое поголемо враќање на пиратството може дополнително да ги подигне трошоците и да ја наруши глобалната трговија. Конфликтите на Блискиот Исток веќе ги зголемија премиите за осигурување, додавајќи околу еден милион долари трошоци за гориво по патување.

На врвот на претходната пиратска криза во 2011 година, економската штета од киднапирањата беше проценета на околу 7 милијарди долари годишно. Тоа ги вклучуваше трошоците за воени операции, пренасочување на бродови, побрзо пловење, дополнителна безбедносна опрема и вооружени стражари на бродовите.

Намалување на фондовите за развој на Сомалија

На пиратите не им помогна само војната со Иран – промената на политиката на Вашингтон кон источна Африка исто така одигра улога.

Со години САД финансираа развојни проекти во Сомалија за да ја намалат сиромаштијата и да ги спречат младите луѓе да им се приклучат на пиратите.

Меѓутоа, под администрацијата на Трамп, запрена е речиси целата развојна помош што не е поврзана со безбедноста. Наместо тоа, Вашингтон се фокусираше на директни контратерористички операции против групата Ал Шабаб.

„Кога ќе ги намалите тие ресурси, разузнавачката мрежа и поморските патроли немаат ист капацитет за работа“, коментираше Бурчал Хенингсен.

Поморските организации во меѓувреме ги советуваа бродските компании да ги избегнуваат сомалиските територијални води.

Тие исто така истакнуваат дека ангажирањето вооружена стража на бродовите е многу ефикасно.

„Никогаш немало успешно киднапирање брод кај Сомалија што имал вооружена стража на палубата“, додаде Хенингсен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ