четврток, 14 мај 2026

Си – Трамп: Соработката на Кина и САД ќе донесе корист не само за двете земји, туку и за целиот свет

Доцна вечерта по кинеско време, на 13 мај, американскиот претседател Доналд Трамп пристигна во главниот град на Кина, Пекинг, на договорената во март, но одложена средба со кинескиот претседател Си Џипинг.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Средбата беше одложена поради почетокот на воените дејствија на Израел и САД против Иран, на 28 февруари годинава, а токму поради геополитичката и економска криза предизвикана од тој оружен судир, оваа официјална посета на американскиот претседател Трамп на Кина, односно американско-кинеските односи се оценуваат како со „најголема важност“ на светот во моментов. Односно, така ги оцени кинескиот претседател Си Џипинг на банкетот во чест на претседателот на САД.

Официјалните разговори меѓу Џинпинг и Трамп почнаа уште рано утрово во Големата народна сала во Пекинг.

Претседателот Си истакна дека трансформации какви што не се видени цел век се забрзуваат низ целиот свет, а меѓународната ситуација е исполнета со превирања и турбуленции. Дали Кина и Соединетите Американски Држави можат правилно да се справат со своите односи, стана прашање од големо значење, кое влијае врз иднината и судбината на човештвото.

„Постојат две опции што стојат пред историјата и пред светот: едната е двете земји да соработуваат и да станат партнери, а другата е да се впуштат во конфронтација и конфликт. Кој пат ќе биде избран не е важно само за двете земји и нивните народи, туку и за иднината и судбината на светот“, нагласи домаќинот.

Тој додаде дека е подготвен да работи со претседателот Трамп за да се отвори ново поглавје во односите меѓу Кина и САД, врз основа на заемно почитување, мирен соживот и соработка од која двете страни имаат корист.

Претседателот Си нагласи дека Кина е посветена на стабилен, здрав и одржлив развој на кинеско-американските односи. Враќањето кон принципот „стабилност преку меѓусебна корист“ ќе обезбеди стратегиско водство за односите меѓу Кина и САД во наредните години и ќе биде од корист за народите на двете земји и за меѓународната заедница.

„Се согласив со претседателот Трамп за новата визија на градењето конструктивни односи за стратегиска стабилност меѓу САД и Кина. Тоа ќе обезбеди стратегиско водство во односите Кина – САД, во наредните три години и повеќе, и ќе биде добро прифатено кај народите на двете земји и во меѓународната заедница.

‘Конструктивна стратегиска стабилност’ значи позитивна стабилност со соработка како главна насока, здрава стабилност со конкуренција во рамките на правилата и постојана стабилност со односи засновани врз заемно почитување и трајно пријателство. Градењето конструктивни односи меѓу Кина и САД не е слоган, тоа знали акција во иста насока“, потенцираше кинескиот претседател.

Си рече дека економските и трговските врски меѓу Кина и САД се создадени врз пазарни принципи. Каде и да постојат нерамнотежи или трговски разлики, двете страни треба да ги решаваат преку рамноправни консултации и соработка со заемна корист. Трговските и економските односи меѓу Кина и САД се по природа заемно корисни, а не игра со нулта сума. Двете земји треба го искористат добриот момент на заеднички интереси и соработка, што ќе донесе корист не само за двете земји, туку и за целиот свет. Американските компании се длабоко вклучени во кинеските реформи и отворањето, а Кина поздравува повеќе заемно корисни соработки од американски компании.

Претседателот Си истакна дека двете страни треба да спроведуваат повеќе размена на различни нивоа, да ги подобрат механизмите и каналите за комуникација и да ја унапредат соработката во дипломатската, економската, трговската, културната, воената и други области. Тој додаде дека двете страни треба да ја прошират размената и соработката во области како што се економијата и трговијата, здравството, земјоделството, туризмот и меѓучовечките контакти.

Прашањето на Тајван – најчувствително во односите меѓу Кина и САД

Си нагласи дека прашањето за Тајван е најважното и најчувствително прашање во односите меѓу Кина и САД. Доколку не се решава правилно, тоа може сериозно да влијае врз целокупната стабилност на односите. Во спротивно, двете земји би се соочиле со опасности и конфликти, што би ја довело меѓународната заедница во сериозна опасност.

„Независноста на Тајван и мирот во Тајванскиот теснец се неспоиви како оган и вода. Зачувувањето на мирот и стабилноста преку Тајванскиот теснец е најголем заеднички интерес меѓу Кина и САД. САД мора внимателно да постапуваат со прашањето за Тајван“.

Претседателот Трамп изјави дека му претставува голема чест повторно да ја посети Кина. Тој рече дека Кина постигнала голем развој и дека американскиот народ има голема почит кон кинескиот народ.

„Претседателот Си и јас имавме долги и одлични односи уште од мојот прв мандат. Веруваме дека можеме да постигнеме многу работи, а светот очекува од нас. Кина е голема земја, а претседателот Си е голем лидер. Горд сум што сум претседател на САД и ќе работам заедно со претседателот Си на зајакнување на комуникацијата и соработката, правилно справување со разликите, подобро разбирање и прифаќање еден со друг и отворање на нова иднина за односите меѓу САД и Кина. САД и Кина се најважните земји во светот и имаат многу заеднички интереси. Донесов многу водечки американски бизнисмени со мене за да ја одразат важноста на економската соработка со Кина. Силно ги охрабрувам да ја прошират својата работа и соработка со Кина“, порача Трамп.

Улогата на Кина и САД во меѓународните и регионалните прашања

Двајцата претседатели разменија мислења за главните меѓународни и регионални прашања, како што се Блискиот Исток, кризата во Украина и Корејскиот Полуостров.

Двајцата претседатели се согласија да се поддржат меѓусебно во организирањето на самитот на ОПЕК и самитот на Г20 оваа година.

За време на состанокот, претседателот Трамп побара од дел од американските бизнис лидери што патуваа со него да ги претстават своите мислења пред претседателот Си.

Пред разговорите, Си организираше свечена церемонија за добредојде на Трамп на источниот влез на Големата сала на народот.

Додека Трамп пристигнуваше, почесната гарда на армијата на Народна Република Кина беше построена за пречек. За време на церемонијата, воениот оркестар ги изведе националните химни на Кина и САД. Артилериска единица испука поздрав од 21 топ. Трамп изврши смотра на гардата на честа на Народноослободителната армија, придружуван од Си.

Граѓаните на Пекинг во секојдневните разговори, односно запрашани од странските новинари, нагласуваат дека се свесни за важноста на посетата на американскиот претседател на нивниот град, не само за односите меѓу Кина и САД, туку воопшто за односите во светот.

Сепак, Пекинг си живее со вообичаената динамика на милионска работна развиженост, но без никаков хаос и невообичаена (за остатокот од светот) смиреност за обврските и предизвиците што ги носат работните денови, дури и кога светските лидери ја „кројат“ историјата во нивна близина.

За МКД.мк од Пекинг: Јасминка Павловска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ