недела, 19 април 2026

Што е 25-от амандман на Уставот на САД: Смена на Трамп поради нарушено здравје?

Демократите бараат смена на Доналд Трамп преку 25-тиот амандман откако тој се закани дека „цела една цивилизација ќе исчезне“ ако Иран не се повлече – изјава што многумина ја опишаа како потенцијално воено злосторство. Постапувањето на претседателот со досиејата на Епстин, како и неговите објави на социјалните мрежи минатата недела, заедно со нападите врз папата Лео Четиринаесетти, само ја интензивираа дебатата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Што е 25-тиот амандман?

Овој амандман е додаден во Уставот на САД во 1967 година за да се разјаснат процедурите во случај претседателот или потпретседателот да не можат да продолжат со функцијата поради смрт, оставка или болест. Иако прашањето за претседателската неспособност долго време беше предмет на дебата, забрзувањето на усвојувањето на амандманот беше поттикнато од атентатот врз претседателот Џон Ф. Кенеди во ноември 1963 година.

Амандманот има четири члена. Првиот му дозволува на потпретседателот да стане претседател ако претседателот поднесе оставка или почине. Вториот член ја регулира замената на потпретседателот, а третиот дозволува привремен и доброволен пренос на овластувања во случај на краткотрајна претседателска неспособност. Тој член веќе е применет претходно, во најновиот случај за претседателот Џорџ В. Буш (2002 и 2007 година), како и за претседателот Бајден во 2021 година, за време на колоноскопија под анестезија.

Новите повици за смена на Трамп се засноваат на четвртиот член од амандманот, кој предвидува отстранување од функцијата ако претседателот „не е во можност да ги извршува овластувањата и должностите на својата функција“.

Во тој сценарио потпретседателот и повеќето раководители на извршни оддели, или некое друго тело основано од Конгресот, можат да го прогласат претседателот за неспособен за служба. Потпретседателот потоа станува вршител на должноста претседател. Тој член никогаш не бил применет.

Кој бара отстранување на Трамп?

Демократскиот пратеник Џејми Раскин од Мериленд предложи формирање комисија за отстранување на Трамп, ако се утврди дека тој повеќе не е способен да ја врши должноста во Белата куќа. Педесет други демократски претставници во Претставничкиот дом го поддржаа предлогот.

„Се наоѓаме на опасен раб на провалија, и сега е прашање на национална безбедност Конгресот да ги исполни своите обврски според 25-тиот амандман за заштита на американскиот народ“, напиша Раскин во соопштение од 14 април.

Меѓутоа, не се само демократите тие што бараат разрешување на Трамп – има и гласови од политичката десница. Поранешната републиканска конгресменка Марџори Тејлор Грин се изјасни за поддршка на 25-тиот амандман на 7 април на мрежата Икс, откако Трамп му се закани на Иран со уништување на цивилизацијата.

„Не можеме да убиеме цела цивилизација. Тоа е зло и лудило“, порача таа.

И јавноста е сè повеќе загрижена за способноста на Трамп да владее. Анкета на Ројтерс/Ипсос од крајот на февруари покажа дека само 45 проценти од Американците веруваат дека Трамп е „ментално фокусиран и способен да се носи со предизвиците“.

Зошто 25-тиот амандман, а не импичмент?

Трамп и во неговиот втор мандат се соочи со повици за отповикување. Сепак, во Претставничкиот дом под републиканска контрола, тие повици не доведоа далеку. Трамп е единствениот претседател во историјата на Соединетите Американски Држави кој двапати се соочил со иницијативи за отповикување – двата пати во првиот мандат. И двата пати беше ослободен од Сенатот контролиран од републиканците.

Во интервју за списанието Тајм на 10 април, Раскин кажа дека пратениците немаат „средства да почнат постапка за отповикување“. „Во овој момент нема ниту еден републиканец кој повикал на отповикување или навестил интерес за отповикување“.

Демократите моментално се малцинство и во Претставничкиот дом и во Сенатот, но тоа наскоро би можело да се промени со среднорочните избори во ноември оваа година.

„Голем дел од разговорите за 25-тиот амандман се чисто политички“, изјави за Дојче веле Марк Гребер, професор по право на Универзитетот во Мериленд. „Тоа е смислено за Републиканската партија со Доналд Трамп да се идентификува на начин што нема да им олесни да се дистанцираат од него. Или ќе го отфрлат сега, или подоцна ќе можат да кажат дека не можеле ништо да направат“.

Дали 25-тиот амандман ќе биде имплементиран?

Дури и ако амандманот се примени, Трамп би можел да тврди дека нема никаква неспособност со „поднесување писмена изјава за спротивното“. Во тој сценарио, ако потпретседателот и кабинетот останат на својот став, Конгресот ќе гласа за него, а за отстранување на претседателот е потребно двотретинско мнозинство. Иако технички е можно да се примени амандманот, политички е сè уште далеку.

„Администрацијата на Трамп и Конгресот се чини дека се задоволни од она што го прави Трамп“, вели Гребер. Поранешни високи функционери кои разговарале со Дојче веле исто така изразиле сомнежи.

„Па, не мислам дека ќе се спроведе, без разлика дали е оправдано или не“, вели Џон Болтон, еден од поранешните советници за национална безбедност на Трамп во првиот мандат. „Јас сум адвокат, а не психијатар, па не можам навистина да го проценам тоа. Но, неговиот проблем не е нужно ментален – туку е што не разбира или не се грижи премногу за поширокиот свет. Тој е фокусиран на она што му користи на Доналд Трамп и тоа обликува сè – од Иран до начинот на кој се однесува кон НАТО и сојузниците на Америка“.

Пензионираниот генерал-потполковник Бен Хоџис го повтори ова мислење. „Искрено, не мислам дека има доволно републиканци во Конгресот кои би имале храброст да го сторат тоа, од различни причини“, изјави тој за Дојче веле. „Значи, се чини многу малку веројатно, но за Америка не е добро тоа што сме во ситуација каде што многу луѓе мислат дека тоа е неопходно решение“.

И Грејбер смета дека е малку веројатно дека 25-тиот амандман ќе биде имплементиран.

„Додека републиканците не престанат да го поддржуваат Доналд Трамп, отповикувањето и 25-тиот амандман остануваат само теории“, заклучи тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ