недела, 24 мај 2026

Шефот на делегацијата на ЕУ ги прозва политичарите од БиХ: Како да се од басна на Езоп

Шефот на делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина Луиџи Сорека ги критикуваше вчера политичарите на таа земја, особено оние од Република Српска, за опструкции во спроведувањето на реформите за кои ЕУ обезбеди речиси една милијарда евра помош преку грантови и поволни кредити.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иако Советот на министри на БиХ, по неколкумесечно одложување, во септември 2025 година конечно ја усвои програмата за реформи потребни за преземање на средствата обезбедени преку Европскиот план за раст за Западен Балкан, чиј вкупен фонд е шест милијарди евра, во БиХ досега не направиле ништо за активирање на овие средства бидејќи не номинирале ниту еден конкретен проект.

Министерот за финансии на БиХ Срѓан Амиџиќ, кој беше назначен на таа позиција од Милорад Додик, претходно оваа недела изјави дека овие средства воопшто не се помош за БиХ, бидејќи тие се претежно кредити.

Сорека сега одговори со порака дека му личи на басната на Езоп во која лисицата безуспешно се обидува да стигне до грозјето, а кога не успева во тоа, си мрмори дека и онака веројатно е кисело.

„Делот од Планот за раст, кој се состои од грантови, изнесува повеќе од една третина од вкупниот годишен државен буџет на Босна и Херцеговина. Тешко е да се разбере отфрлањето на таквата поддршка. Босна и Херцеговина во оваа фаза останува единствениот партнер од Западен Балкан без ниту едно евро од Инструментот за реформи и раст од Планот за раст“, ​​напиша Сорека во колумната.

Тој го коментираше омаловажувањето на важноста на кредитите од страна на Амиџиќ, кои се вклучени во пакет со околу 300 милиони неповратна помош, како погрешно разбирање на важноста на целиот проект, чија цел е побрза интеграција на шесте земји од Западен Балкан во ЕУ.

Тој потсети дека ЕУ нуди кредитни средства под исклучително поволни услови кои далеку ги надминуваат условите на кој било друг партнер, а економскиот раст што Босна и Херцеговина може да го постигне преку овие инвестиции повеќекратно би ја надминал вредноста на самиот долг.

Овие заеми имаат максимален рок на доспевање од 40 години, со великодушен „грејс“ период што осигурува дека отплатата на главницата нема да почне пред 2034 година, но под претпоставка дека потребните договори ќе бидат финализирани оваа година.

„Во комбинација со исклучително конкурентни каматни стапки, значително пониски од оние што ги нудат другите пазари и партнери, ЕУ обезбедува исклучително поволна финансиска понуда што другите земји во регионот успешно ја користат за да постигнат бенефиции за своите граѓани“, истакна шефот на делегацијата на ЕУ во БиХ, додавајќи дека целиот проект е дизајниран да биде двигател на сеопфатна економска трансформација и забрзување на интеграцијата во единствениот европски пазар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ