петок, 15 мај 2026

Санчез: Ако Русија беше исфрлена од Евросонг, истиот критериум мора да важи и за Израел

Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека неговата земја во сабота нема да биде во Виена на Евросонг, но ќе биде „на вистинската страна од историјата“ бидејќи се спротивставува на учеството на Израел.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Нашиот јавен радиодифузен сервис РТВЕ донесе правилна одлука – се спротивстави на неправдата“, порача Санчез во видео што го објави денес на социјалната мрежа Икс. „Посветеноста на човековите права и меѓународните закони се изразува и преку културата. Кога Русија ја нападна Украина, беше исфрлена од фестивалот, а Шпанија ја поддржа таа одлука. Тој принцип треба да се примени и на Израел. Не смее да има двојни стандарди“, додаде тој.

Шпанија, како една од петте големи земји, учествува директно во финалната вечер на Евросонг секоја година, но во декември одлучи да изостане поради настапот на Израел. „Шпанија отсекогаш била посветена на овој фестивал, создаден за да промовира мир, да нè зближи и да ја слави различноста во Европа. Но, соочени со геноцид и нелегална војна, тишината не е опција. Не можеме да бидеме рамнодушни кон она што се случува во Газа и Либан“, кажа тој.

Словенија, Ирска, Холандија и Исланд исто така одбија да учествуваат, а Санчез кажа дека истото го сториле и „многу фанови“ на Евросонг. Шпанија континуирано учествува на овој фестивал од 1961 година, а беше победник во 1968 и 1969 година.

„Оваа година ќе биде поинаку, нема да бидеме во Виена. Но, го правиме тоа убедени дека сме на вистинската страна од историјата“, кажа шпанскиот премиер. Израел, иако не е европска земја, се натпреварува од 1973 година. Во вторникот, за време на полуфиналната вечер, освои место во саботното финале.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ