Лидерите на група од 11 големи земји во развој, вклучувајќи ги Бразил, Кина, Индија, Русија и Јужна Африка, го одржуваат својот годишен самит денес и утре, под засилени безбедносни мерки, во заливот Ганабара во Рио.
Според нацртот на завршната изјава, до која агенцијата Франс прес имаше пристап, тие ќе изразат „сериозна загриженост за зголемувањето на едностраните царини и тарифи кои влијаат на трговијата“.
Според документот, кој сè уште може да се измени за време на самитот, ваквите мерки се закануваат да „влијаат на перспективите за економски развој во светот“.
БРИКС, кој претставува речиси половина од светската популација и 40 отсто од БДП на планетата, со овие зборови во документот јасно е насочен кон американскиот претседател и неговите нови високи царини. Но, Доналд Трамп не се споменува по име, во време кога бројни земји, вклучително и Кина, се ангажирани во преговори со Вашингтон за царините.
Домаќинот на самитот, бразилскиот левичарски претседател Луис Инасио Лула да Силва се претстави вчера како главен поборник на мултилатерализмот.
Кинескиот претседател Си Џинпинг ќе отсуствува од самитот на БРИКС за прв пат, и покрај тоа што неговата земја е доминантна сила во групата. Рускиот претседател Владимир Путин, кого Меѓународниот кривичен суд (МКС) го бара за наводни воени злосторства во Украина, исто така ќе отсуствува. Сепак, тој ќе зборува преку видео конференција, соопшти Кремљ. На состанокот ќе се дискутира и за неодамнешната 12-дневна војна меѓу Иран и Израел. Преговарачите постигнаа консензус за тоа како да се спомене во финалниот документ, изјави вчера извор запознаен со ова прашање.
Иран, член од 2023 година, по дванаесет дена војна со Израел и САД, сакаше БРИКС да го заостри својот тон во завршната изјава.
Но, документот ќе содржи „ист текст“ како и соопштението издадено од групата кон крајот на јуни. Земјите во развој тогаш ги осудија „воените напади“ врз Иран, велејќи дека треба „итно да го прекинат циклусот на насилство и да го вратат мирот“.
Создадена за да го ребалансира светскиот поредок во корист на „глобалниот југ“ наспроти Западот, групата БРИКС се прошири во изминатите две години за да ги вклучи Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Етиопија, Иран, а потоа и Индонезија.
Бразил, кој ќе биде домаќин на ЦОП30, конференцијата на ОН за климата во ноември, исто така се надева дека ќе постигне консензус во БРИКС за борба против климатските промени.
Покрај посакуваната завршна декларација, се очекува и објавување на текстови за климата, како и за вештачката интелигенција и соработката во областа на здравството.