вторник, 12 мај 2026

Руски брод со нуклеарен товар потонал кај Шпанија, наводно на пат кон Северна Кореја

Руски товарен брод за кој се сомнева дека превезувал компоненти за два нуклеарни реактори, потенцијално наменети за Северна Кореја, потонал во Средоземно Море по серија необјаснети експлозии. Инцидентот се случил во декември 2024 година во близина на шпанскиот брег, а нови детали од истрагата фрлаат сомнеж на таен транспорт на чувствителен воен товар, пишува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Бродот Урса мајор, познат и како Спарта 3, потонал на 23 декември 2024 година, околу 60 милји од брегот на Шпанија. Иако судбината на бродот со месеци беше главно непозната со месеци, истрага на Си-ен-ен откри дека инцидентот веројатно бил поврзан со чувствителен воен товар од рускиот одбранбен сектор, а можеби поврзан и со Северна Кореја.

Според истрагата, бродот испловил од Русија кратко откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун испратил војници за да ја поддржат Москва во нејзината одбрана на регионот Курск од Украина. Урса мајор претходно учествувал во руските воени операции во Сирија и наводно бил користен за евакуација на руска воена опрема.

На 2 декември бродот се вкотвил во руското пристаниште Уст-Луга, а потоа се преместил во контејнерскиот терминал во Санкт Петербург. Јавните записи за превоз на бродови го наведуваат Владивосток на рускиот Далечен Исток како дестинација. Товарот е опишан како два големи „капаци за шахти“, 129 празни контејнери и два големи крана од марката Либхер.

Сепак, шпанската влада подоцна потврди дека рускиот капетан им кажал на истражителите дека бродот превезува „делови за два нуклеарни реактори, слични на оние кои се користат во подморници“. Капетанот додал дека не може да потврди дали товарот содржи нуклеарно гориво.

Сопственикот на бродот, државната компанија Оборонлогистика, објави во октомври 2024 година дека нејзините бродови добиле дозвола за транспорт на нуклеарни материјали. Видео снимките од товарењето наводно покажуваат дека контејнерите се ставаат во трупот на бродот, оставајќи празен простор под структурите подоцна идентификувани како „капаци за шахти“.

Урса мајор пловел крај европскиот атлантски брег под надзор на португалските поморски сили. Португалската морнарица објави дека товарниот брод бил придружуван за време на дел од патувањето од два руски воени брода Иван Грен и Александар Отраковски.

Откако португалските сили престанале да го следат на 22 декември, Урса мајор драматично успорил во шпанските води. Шпанските спасувачки служби контактирале со екипажот, кој првично одговорил дека нема опасност.

Околу 24 часа подоцна, бродот нагло го променил курсот и испратил повик за помош по три експлозии на десната страна во близина на машинската просторија. Двајца членови на екипажот загинале во експлозиите.

Останатите 14 членови на екипажот биле евакуирани со чамец за спасување и спасени од шпански спасувачки брод. Снимките покажуваат дека бродот се навалил силно по првите експлозии, но сè уште пловел. Шпанските спасувачки екипи се качиле на бродот за да бараат преживеани.

Тие ја пронашле машинската просторија запечатена и ги провериле контејнерите каде што наводно пронашле ѓубре, рибарски мрежи и разна опрема. Извор запознаен со истрагата изјавил за Си-ен-ен дека бродот првично изгледал стабилно и не се чинело дека веднаш ќе потоне.

Сепак, подоцна истата вечер, во близина на бродот се случиле дополнителни експлозии, откако рускиот воен брод Иван Грен им наредил на блиските бродови да се оддалечат. Националната сеизмичка мрежа на Шпанија во тоа време регистрирала четири сеизмички сигнали, чии модели, според официјалните лица, личеле на подводни експлозии или удари. До доцна вечерта, Урса мајор потонал.

Рускиот капетан, идентификуван како Игор Анисимов, подоцна им кажал на истражителите дека верува дека крајната дестинација на бродот можеби била севернокорејското пристаниште Расон.

Шпанските истражители се запрашале зошто бродот би го избрал долгиот морски пат носејќи само кранови, празни контејнери и голем неидентификуван товар, со оглед на тоа што Русија има широка железничка мрежа која ги поврзува западниот и источниот дел од земјата.

Се претпоставува дека крановите биле наменети за истовар на чувствителен товар на дестинацијата. Инцидентот привлече дополнително внимание поради невообичаената воена активност околу местото на несреќата.

Според јавно достапните податоци за летови, американски авиони ВЦ135-Р, кои се користат за откривање на радиоактивна контаминација, двапати прелетале над областа со остатоците по потонувањето. Портпаролот на 55-то крило на воздухопловните сили на САД потврдил дека мисијата на авионот вклучувала „собирање и анализа на нуклеарни остатоци“, но одбил да коментира за конкретни операции.

Шпанската влада соопшти дека остатоците се на длабочина од приближно 2.500 метри и дека преземањето на снимачот на податоци на бродот би претставувало значителен технички ризик. Шпанските власти не забележале докази за радиоактивна контаминација по должината на јужниот брег на земјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ