Се очекува температурите во Вашингтон и Бостон да се искачат на 38 степени Целзиусови, надминувајќи ги претходните рекорди за дури шест степени, според Националната метеоролошка служба. Во Централ Парк во Њујорк, температурите достигнуваат и до 37 степени Целзиусови.
Според Националната метеоролошка служба, рекордна топлина е можна и во други делови од источниот дел на САД, вклучувајќи ја северна Џорџија, Северна и Јужна Каролина, Вирџинија, Мериленд и Пенсилванија.
„Изгледа дека денес е веројатно најлошиот ден во однос на рекордната топлина на пошироко подрачје“, рече вчера Боб Оравец, главен прогнозер во Националната метеоролошка служба во Колеџ Парк, Мериленд, додавајќи дека најинтензивната топлина е концентрирана на североистокот во земјата.
Екстремната топлина предизвикува прекини во јавниот превоз низ североистокот на САД. Американскиот оператор за патнички железнички сообраќај Амтрак соопшти дека ќе мора да ја намали брзината на возовите помеѓу 12:00 и 20:00 часот во вторник на линиите помеѓу Вашингтон и Њујорк и помеѓу Филаделфија и Харисбург.
Дури и некои туристички атракции се под удар. Споменикот на Џорџ Вашингтон ќе биде затворен во вторник и среда поради топлината, објави Националната служба за паркови.
Градежните компании се принудени да се прилагодат на временските услови за да ги заштитат своите работници.
Оравец од Националната метеоролошка служба изјави дека температурите треба да почнат да опаѓаат во среда. „Се предвидува дека максималната температура во четврток во Њујорк ќе биде околу 29 °C, а во петок околу 24 °C“, рече тој.