сабота, 15 ноември 2025

Претседателот на Албанија на самитот Брчко-Бриони: Членството во ЕУ е национална мисија

Претседателот на Албанија Бајрам Бегај денес, отворајќи го самитот на процесот Брдо-Бриони во Драч, изјави дека членството во Европската Унија за Албанија не е само политичка цел, туку и национална мисија.

Објавено на

часот

Сподели

„Интеграцијата во ЕУ продолжува да ужива огромна поддршка во нашето општество, бидејќи ги одразува вредностите со кои се идентификуваме: демократијата и владеењето на правото. Албанија постигна опиплив и мерлив напредок за кратко време“, оцени Бегај, отворајќи го состанокот.

Тој потсети дека Албанија веќе отворила пет од шест кластери во преговорите со ЕУ и дека работи на понатамошен напредок во судските реформи, зајакнувањето на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал.

„Нашата цел е да ги завршиме техничките преговори до крајот на 2027 година и да станеме полноправна членка на ЕУ во 2030 година“, кажа Бегај.

Лидерите на Западен Балкан се собраа денес во Драч на самитот на иницијативата Брдо-Бриони, чија главна тема е европската перспектива на Западен Балкан, со посебен фокус на Планот за регионален раст.

Процесот Брдо-Бриони беше заеднички инициран од Словенија и Хрватска во 2013 година. Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија учествуваат во иницијативата.

Учесниците на Самитот во Драч беа пречекани од претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар и претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ како организатори, и од претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, како домаќин.

На состанокот учествуваат и претседателот на Србија Александар Вучиќ, членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ, претседателката на Македонија Гордана Силјановска-Давкова и претседателката на Косово Вјоса Османи.

Мотото на овогодинешниот состанок е „Заеднички интереси, заедничка посветеност кон заедничка иднина: Заедно кон ЕУ“. Организаторите најавија дека фокусот ќе биде ставен на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и зајакнувањето на регионалната соработка.

Посебно внимание ќе се посвети на спроведувањето на планот на ЕУ за економски раст во Западен Балкан и задржувањето на младите луѓе, преку обезбедување подобри можности за живот и работа и зајакнување на соработката во областа на вработувањето.

На крајот од состанокот треба да се усвои заедничка изјава со која ќе се потврди посветеноста за поддршка на европската интеграција и инклузивната соработка за мирна, силна, стабилна, просперитетна и обединета ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ