четврток, 16 април 2026

Премиерот на Нов Зеланд: Мислам дека Нетанјаху го изгуби разумот

Премиерот на Нов Зеланд Кристофер Луксон изјави денес дека израелскиот лидер Бенјамин Нетанјаху „го изгуби разумот“ додека земјата размислува дали да ја признае палестинската држава, објави Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Луксон им рече на новинарите дека недостатокот на хуманитарна помош, присилното раселување на луѓето и анексијата на Газа се апсолутно ужасни и дека Нетанјаху отишол предалеку.

„Мислам дека го изгуби разумот“, додаде Луксон, кој ја предводи коалициската влада на центарот и десницата. „Она што го видовме синоќа, нападот врз градот Газа, е целосно, целосно неприфатливо.“

Луксон изјави претходно оваа недела дека Нов Зеланд размислува дали да ја признае палестинската држава. Блискиот сојузник Австралија им се придружи на Канада, Обединетото Кралство и Франција во понеделникот, објавувајќи дека ќе го стори тоа на конференцијата на Обединетите нации во септември.

Хуманитарната криза во Газа достигна „незамисливи размери“, изјавија вчера Велика Британија, Канада, Австралија и неколку европски сојузници, повикувајќи го Израел да дозволи неограничен пристап до помошта во воено разорената палестинска енклава.

Израел негираше одговорност за ширењето на гладот во Газа, обвинувајќи ги милитантите на Хамас за кражба на пратките со помош, што Хамас го негира.

Пред денешната парламентарна седница, мал број демонстранти се собраа пред зградата на националниот парламент, удирајќи во тенџериња и тави. Локалниот медиум „Стаф“ објави дека демонстрантите скандирале: „Пратеници, покажете храброст, признајте ја Палестина!“

Пратеничката на Зелените, Клое Сварбрик, беше отстранета од салата вчера откако одби да се извини за коментарите во кои инсинуираше дека владините политичари се кукавици затоа што не го поддржале предлогот за „санкционирање на Израел за воени злосторства“.

Сварбрик повторно беше исфрлена од салата следниот ден затоа што повторно одби да се извини. Кога таа одби да си замине, владата гласаше за нејзина суспензија.

„Шеесет и осум членови на овој Дом се обвинети дека се кукавици“, рече претседателот на парламентот Гери Браунли. „Никогаш немало време кога личните навреди во говорот биле прифатени во овој Дом и немам намера да почнам сега.“

Додека си заминуваше, Сварбрик извика „слободна Палестина“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ