четврток, 14 мај 2026

Предавач и владетел-филозоф: Си Џинпинг зад затворени врати

Средбите со светските лидери откриваат едно помалку познато лице на кинескиот лидер и навестуваат како ќе настапи кон Трамп во Пекинг.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иако длабоко навлезе во третиот мандат на чело на Кина, Си Џинпинг и натаму останува една од најзатворените фигури во глобалната политика, а за неговите ставови кон ривалите и партнерите се заклучува врз основа на строго контролираната кореографија на неговите јавни настапи.

Но од приватните средби со странски лидери, забележани во сведоштвата на оние што им присуствувале, како и од понекој случајно вклучен микрофон, излегува појасна слика. Тоа е слика на лидер што во Кина нема сериозен ривал во борбата за власт, кој не се воздржува да им држи лекции на помалку моќните лидери и кој настапува како владетел-филозоф по урнекот на древните кинески владетели, пишува Њујорк тајмс.

Весникот наведува дека Си, според најмалку едно сведоштво, го формирал својот став за американскиот претседател Доналд Трамп уште пред речиси една деценија, и дека таа проценка оттогаш веројатно го обликувала неговиот пристап кон светските прашања, вклучително и начинот на кој оваа недела ќе се однесува кон Трамп во Пекинг.

Кон крајот на 2016 година, само неколку недели откако Трамп го изненади светот со победата на претседателските избори во САД, Си на самитот во Лима, Перу, последен пат се сретна со претседателот Барак Обама. Според Бен Родс, тогашен заменик советник за национална безбедност во администрацијата на Обама и еден од присутните, Си делувал збунето од тоа како американските гласачи можеле да изберат толку неконвенционален кандидат.

Според Њујорк тајмс, Обама се обидел да му објасни на Си дека подемот на Трамп е знак на економското незадоволство во САД, делумно поради губењето работни места во производството што се преселиле во Кина и поради кражбата на интелектуалната сопственост. Според описот на Родс, на Си не му се допаднало тоа објаснување. Го спуштил пенкалото, ги прекрстил рацете и рекол: „Ако еден незрел лидер го турне светот во хаос, светот ќе знае кого да обвини.“

Аналитичарите оценуваат дека Си за време на дводневните разговори со Трамп во Пекинг, кои почнуваат денес, ќе настојува да ја претстави Кина како стабилна и силна глобална сила, но и да биде доволно помирлив за да го зачува кревкото трговско примирје со Трамп.

„Очекувам Си да му покаже почит на Трамп, но да не му ласка“, изјави Сузан Ширк, авторка на книгата „Пречекорување: како Кина скршна од патот на мирниот подем“.

„Пораката за разликата во однос на едностраните и нарушувачки потези на Трамп ќе биде јасна, но неизговорена“, додаде таа.

Предавачот: како Си се однесува кон средните сили

Ако кон Вашингтон се однесува со претпазлива воздржаност, Си ќе биде помалку воздржан кон средните сили како Канада и Британија, оценува Њујорк тајмс.

Потсетува дека Си во 2022 година, на крајот од самитот на Групата 20 во Индонезија, се соочи со тогашниот канадски премиер Џастин Трудо и го обвини дека на медиумите им открил детали од нивниот разговор од претходниот ден. Напнатата размена меѓу двајцата лидери, додека стоеле блиску еден до друг и разговарале преку преведувачи, ја снимила телевизиска камера.

„Тоа не беше соодветно“, рекол Си со присилена насмевка. „И разговорот не се води така“, продолжил, одмавнувајќи со главата. Рекол дека за продуктивни разговори се потребни искреност и почит, а потоа, во прикриено предупредување, додал: „Во спротивно, тешко е да се каже каков ќе биде исходот.“

Трудо се обидел да возврати дека според канадските мерила не направил ништо погрешно и предложил да се согласат дека не се согласуваат. Си потоа го прекинал и рекол: „Ајде прво да создадеме услови“, пред да се ракува со Трудо и да си замине.

Со сегашниот канадски лидер, премиерот Марк Карни, Си се обидел да ги постави правилата на нивниот однос, порачувајќи дека не сака да биде јавно критикуван.

Карни рекол дека Си на една неодамнешна средба во Јужна Кореја, прва откако канадскиот лидер стапи на функцијата, му рекол сите прашања да ги отвора насамо.

„Одлучи првите повеќе од десет минути да ги посвети на тоа како сака да изгледа нивната лична комуникација“, изјави Карни во март.

Карни ја сумираше пораката на Си вака: „Без изненадувања. Ако нешто ви е навистина важно, бидете јасни.“

Додал: „Не го кажа баш така, но јас така го разбрав. Не ми држете лекции во јавност. Изнесете ги прашањата директно.“

Американскиот весник наведува дека Си, иако можеби не сака нему да му држат лекции, нема проблем на другите да им покаже незадоволство.

Кога Кир Стармер во јануари се сретна со Си во Пекинг, британскиот премиер го отворил прашањето за кинеско-јапонските односи, кои се на најниско ниво во последните години.

Си, кој дотогаш бил смирен, се вознемирил и му рекол на Стармер дека за тензиите целосно е виновна Јапонија, според две лица запознаени со разговорот.

Пекинг почна кампања на притисок врз Токио откако јапонската премиерка Санае Такаичи изјави во парламентот дека Јапонија би можела воено да одговори ако Кина го нападне Тајван.

Филозофот: како разговара со моќниците

Комунистичката партија на Кина настојува да гради легитимитет претставувајќи се како чувар на кинеската цивилизација стара илјадници години. Њујорк тајмс пишува дека Си ја зацврстува таа традиција настапувајќи како некој од древните кинески владетели-филозофи, чии должности подразбирале примена на конфучијански вредности во управувањето со државата.

„Во кинеската политичка култура, од врховниот лидер не се очекува да се занимава со секојдневни, практични прашања“, рече Зои Лиу, виша соработничка во Советот за надворешни односи. „Тој е ‘син на небото’ и се очекува да се занимава со филозофски прашања.“

Тоа не само што го зголемува значењето на лидерот, туку и пред западните лидери што се надеваат дека ќе го сменат однесувањето на Пекинг ја нагласува големината на кинеската култура.

Тоа брзо му станало јасно на Барак Обама за време на државната посета на Пекинг во 2014 година. По долгата приватна вечера со Си во оградениот комплекс на кинеското раководство познат како Џонгнанхај, соработниците на Обама очекувале да чујат дека двајцата лидери разговарале за спорните прашања како Јужно Кинеско Море.

„Всушност, тие воделе некаква долга расправа за тоа дали индивидуалистичките општества и колективистичките конфучијански општества може да бидат споиви“, рекол Родс.

Њујорк тајмс пишува дека истиот тој возвишен тон го обликува и начинот на кој Си зборува за политичките системи. Претседателот Џо Бајден прераскажал дека Си му рекол оти демократиите „не можат да опстанат во 21 век“ затоа што им е потребен национален консензус.

Бајден рече дека Си тоа му го објаснил вака: „Тешко е да се постигне консензус, па затоа не можат да држат чекор со автократијата, власта на еден човек.“

Чувството на империјална величина кај Си двапати беше фатено со случајно вклучен микрофон во разговори со рускиот претседател Владимир Путин.

Додека во Москва се простувал од рускиот лидер во 2023 година, се слушнало како Си вели: „Токму сега се случуваат промени какви што не сме виделе 100 години, а ние сме тие што заедно ги придвижуваме.“

Две години подоцна, на воена парада во Пекинг, камерите снимија како Си и Путин разговараат за бесмртноста и напредокот на биотехнологијата.

„Можно е во овој век луѓето да можат да живеат 150 години“, се слуша како вели Си.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ