среда, 18 јуни 2025

Поднесена тужба против Амазон за продажба на контаминиран ориз

Група граѓани поднесоа колективна тужба против Амазон во САД поради наводна продажба на повеќе видови ориз контаминиран со арсен и тешки метали.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тужбата, поднесена во федералниот суд во Сиетл, опфаќа 18 видови ориз што се продаваат на платформата на Амазон, вклучувајќи брендови како Бенс Ориџинал, порано познат како Анкл Бенс, и 365 Хол Фудс на Амазон. „Амазон ги насочи овие производи од ориз со алармантно високи нивоа на тешки метали кон група клиенти меѓу кои имаше и деца, без воопшто да ги предупреди за штетноста на тешките метали“, се наведува во тужбата.

Тужбата се надоврза по објавувањето минатата недела на резултатите од истражувањето на непрофитната организација „Здрави бебиња, светла иднина“ за изложеноста на бебињата на токсични хемикалии.

Истражувачите пронајдоа арсен во сите 145 примероци ориз купени низ САД, а во 28 проценти од нив, неговите нивоа го надминувале горното ограничување за житарки за бебиња утврдено од Администрацијата за храна и лекови (ФДА). Покрај тоа, во 144 примероци е пронајден кадмиум, а во повеќе од една третина олово и жива.

Амазон не ги коментираше веднаш резултатите од истражувањето. Изложеноста на тешки метали е поврзана со негативни здравствени последици, вклучувајќи проблеми со нервниот систем, имуносупресија и оштетување на бубрезите, како и нарушувања од спектарот на аутизам и хиперактивност со дефицит на внимание (АДХД) кај малите деца.

Групата од 18 производи од ориз опфатени со истрагата вклучува два производи од брендот Бенс Ориџинал и три производи од брендот 365. Тужителките Ешли Рајт и Мериман Блум изјавија дека не би купиле ниту би платиле пониска цена за оризот „Иберија Басмати 100% Ејџд ориџинал“, еден од контаминираните производи, доколку знаеле дека е контаминиран или дека Амазон воопшто не го тестирал за да утврди дали содржи тешки метали.

Според тужбата поднесена во петокот, тужителките бараат најмалку 5 милиони долари отштета од Амазон за наводно кршење на законите за заштита на потрошувачите на државата Вашингтон. На крајот на декември 2022 година, американското списание Конзумер рипортс објави студија во која се пронајдени тешки метали во 28 анализирани темни чоколади. Во 23 од нив, вклучувајќи ги и производите на Херши, Годива и Линдт, нивоата на олово, кадмиум или на двата метали би можеле да бидат штетни ако се консумираат повеќе од 28 грама дневно, предупредија тие.

Потрошувачите поднесоа тужби против голем број компании, вклучувајќи ги Херши, Мондалез, Годива и Линдт, а во октомври 2023 година, списанието објави дека пронашло „алармантни“ нивоа на олово и кадмиум во уште чоколадни производи.

Во писмо до Херши, Мондалез, Тио Чоклед и Трејдер Џо, Конзумер рипортс потсетува дека долготрајната изложеност на тешки метали може да предизвика сериозни здравствени последици.

Во пролетта 2023 година, главниот финансиски директор на Херши, Стив Воскуи, изјави дека работат на намалување на нивоата на олово и кадмиум, за кои тој тврдеше дека во тоа време биле присутни во почвата и можеле да се појават природно во производот. „Во зависност од тоа каде ја набавувате (суровината), можете да добиете повеќе олово или кадмиум во Западна Африка отколку во Јужна Америка, но во двата случаи се работи за состојка која се појавува во природата“, рече Воскуи, додавајќи дека тие би сакале „целосно да ги искоренат“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ