недела, 12 јули 2026

Почина влијателниот американски сенатор Линдзи Греам

Американскиот сенатор Линдзи Греам, еден од највлијателните републиканци во Конгресот и близок сојузник на претседателот Доналд Трамп, почина на 71-годишна возраст.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Од неговиот кабинет соопштија дека Греам починал по „кратко и ненадејно заболување“. Според Ен-би-си њуз, во саботата навечер итните служби интервенирале во неговиот дом во Вашингтон по пријава за срцев застој.

Трамп, веднаш по објавувањето на веста, му оддаде почит, нарекувајќи го Греам „еден од најголемите луѓе и сенатори што ги познавал“ и „вреден патриот“.

Греам со години беше една од најистакнатите фигури во Републиканската партија. Иако во текот на претседателската кампања во 2016 година беше остар критичар на Трамп, по неговата победа стана еден од неговите најлојални политички сојузници во Сенатот.

Сепак, не секогаш се согласуваше со Трамп. Јавно ја критикуваше неговата одлука во почетокот на 2025 година да помилува околу 1.500 лица осудени за нападот врз американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, предупредувајќи дека таквиот потег може да поттикне ново насилство.

Познат како силен поддржувач на американската одбрана, Греам со години се залагаше за цврста надворешна политика и беше еден од најгласните поддржувачи на Израел и Украина, како и жесток критичар на Иран.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изрази длабоко жалење поради неговата смрт, оценувајќи дека Израел изгубил искрен пријател, кој бил покрај земјата во најтешките моменти.

Само два дена пред смртта, Греам престојуваше во Киев, каде што се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски. На средбата разговарале за потребите на Украина од противвоздушна одбрана и за нов пакет санкции против Русија.

Тој тогаш изјави дека Кина може да одигра клучна улога во притисокот врз Русија да започне мировни преговори.

„Патот до крајот на оваа војна и до мирот повеќе минува низ Пекинг отколку низ Вашингтон, Киев или Москва. Кина има огромно влијание и јас би сакал да го искористи за доброто на светот“, рече Греам.

Кога почина, беше претседател на Сенатската комисија за буџет, а членуваше и во комисиите за буџетски средства, правосудство и животна средина.

Греам беше избран за сенатор од Јужна Каролина во 2002 година, а претходно, од 1994 година, беше член на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес. Никогаш не стапи во брак и живееше во градот Сенека, во сојузната држава Јужна Каролина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ