Првиот папа од САД повика сопственоста врз податоците за вештачката интелигенција да не биде препуштена исклучиво во приватни раце, носителите на политики да ги заштитат правата на работниците и децата од оваа технологија, а повика и на смирување на конкуренцијата меѓу компаниите што се занимаваат со вештачкаta интелигенција.
„Потребен е поактивен политички ангажман, способен да ги забави работите кога сè се забрзува“, порача Лео.
Папата повика на „цврсти правни рамки, независен надзор, информирани корисници и политички систем што не бега од својата одговорност“.
Енцикликите се еден од највисоките облици на папско учење упатени до членовите на Црквата, кои ги има 1,4 милијарди. Долгоочекуваниот текст, објавен денеска, содржи речиси 43.000 збора и бил подготвуван речиси од изборот на Лео за папа пред нешто повеќе од една година.
Папата во документот, чија главна тема е вештачката интелигенција, исто така ги осуди многубројните војни што го потресуваат светот, изрази жалење поради слабеењето на мултилатералните организации и предупреди дека профитите на воената индустрија се двигател на конфликтите.
„Изминатите 60 години беа обележани со конфликти со запрепастувачка бруталност, кои често го погодуваа цивилното население во масовни размери“, наведе Лео.
„Човештвото лизга кон насилна култура на моќ, каде што мирот повеќе не се појавува како одговорност што треба да се преземе, туку како кревок интервал меѓу конфликтите“, рече тој.
Лео исто така изнесе една од најјасните изјави на некој папа досега со која не ја признава теоријата за праведна војна, доктрина што Црквата ја користи најмалку од петтиот век за проценка на глобалните конфликти.
На таа доктрина, која генерално вели дека војните треба да се водат само за одбрана од агресија, се повикуваа и функционери од администрацијата на Трамп, вклучително и потпретседателот Џеј Ди Венс, католик, за да ја бранат војната со Иран.
„Теоријата за ‘праведна војна’, која премногу често се користеше за оправдување на каков било вид војна, сега е застарена“, нагласи Лео.
„Употребата на сила, насилство и оружје го одразува распадот на меѓучовечките односи, што секогаш има катастрофални последици за цивилното население.“
Лео изрази и загриженост дека лидерите би можеле да почнуваат војни за да го одвлечат вниманието од домашните проблеми.
„Не можеме да ја исклучиме можноста некои лидери да сметаат дека оружениот конфликт е ефикасен начин за пренасочување на вниманието од домашните проблеми и цинична алатка за управување со тешкотиите“, наведе тој.
Папата нагласи дека секоја употреба на вештачката интелигенција во војувањето „мора да биде подложна на најстроги етички ограничувања“ и го нарече „недозволиво“ доверувањето смртоносни одлуки на системи за вештачка интелигенција.
Лео цитираше со векови претходни папски учења за прашањата на социјална правда, пред да се осврне на етиката на системите за вештачка интелигенција.
Посебно се повика на својот претходник Лео Тринаесетти, кој во 1891 година ја објави познатата енциклика Рерум новарум (За новите општествени прашања), во која повика на подобри плати и услови за работниците за време на индустриската револуција.
Лео Четиринаесетти ги осуди „новите облици на ропство“ што ги трпат луѓето што ги одржуваат системите за вештачка интелигенција и фабричките работници што произведуваат технолошки уреди, како компјутери и паметни телефони, на кои се користи вештачка интелигенција.
„Во некои делови од светот деца и адолесценти работат во опасни услови, дробејќи материјали од кои се вадат ретки елементи“, напиша папата.
„Телата на тие луѓе се полни со лузни, повредени и истрошени за компјутерскиот тек да продолжи без прекин“, рече тој. „Таа реалност поставува сериозни прашања пред моралната совест на нашето време.“
Папата исто така призна дека Католичката црква не го осудила силно трансатлантското ропство сè до 19 век и упати лично извинување.
„Тоа е рана во христијанското сеќавање“, напиша тој. „Поради тоа, од името на Црквата, искрено барам прошка.“
Лео, кој во почетокот наведе дека сака да им се обрати на католиците и на сите луѓе со добра волја, порача дека општеството мора да се соочи со „клучните прашања“ за тоа како се развива вештачката интелигенција и за општата насока на глобалното лидерство.
Повикувајќи се на библиската приказна за Вавилонската кула, во која човештвото, водено од гордост, се обидело да изгради кула доволно висока за да стигне до небото, со што го разгневило Бога, папата рече дека таа приказна укажува на ризикот од секој потфат што „се стреми да го достигне небото без Божји благослов“.
„Со срце на пастир, ги молам сите да се откажат од градење уште една Вавилонска кула и да ги здружат силите во градење на заедничкото добро“, апелираше папата.
Лео го повика светот да не се откажува од отстранување на можните опасности што ги носат системите за вештачка интелигенција.
„Може да се појави суптилно искушение, имено мислата дека проблемите се преголеми, а ние премали и дека затоа нашите одлуки не можат да донесат промена“, напиша тој.
„Секако, немаат сите иста моќ да донесат промена“, рече Лео. „Сепак, никој не е без одговорност. Сите имаме свои полиња на дејствување.“
Ова беше првпат некој папа лично да ја претстави својата енциклика, бидејќи тоа вообичаено не го прават без оглед на нивната важност.






