Извештајот на иранската телевизија, кој се повикува на меморандум за разбирање за кој двете страни преговараат за завршување на војната, се наведува дека САД ќе ја прекинат поморската блокада врз иранските бродови.
Телевизијата објави дека добила неофицијален нацрт на меморандумот, но дека тој не е конечен и дека можеби нема да се договори.
САД го негираа извештајот, наведувајќи во соопштение од Белата куќа на социјалните мрежи дека тоа е „целосна измислица“. Иранската влада не коментираше, јавува агенцијата Ројтерс.
Прашањето за американските војници во регионот, исто така, бара дополнителни разговори, се наведува во телевизискиот извештај, без да се елаборира.
Нема никакво спомнување на нуклеарната програма на Иран, на чие укинување инсистираат САД.
Извештајот на државната телевизија е најновиот сигнал за можен напредок кон договор, иако Техеран и Вашингтон јавно изразија остро спротивставени ставови, а можните услови наведени од телевизијата не ги исполнуваат сите американски барања.
Цените на нафтата паднаа за повеќе од пет проценти по извештајот на иранската телевизија.
Не е јасно како би изгледало повлекувањето на американските сили опишано од иранската државна телевизија.
Американската војска моментално има околу 15.000 војници кои ја спроведуваат блокадата на Иран, како и илјадници дополнителен персонал во базите низ регионот, вклучително и во земјите од Персискиот Залив како Катар, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин.
Американските воени бродови, од кои некои носат илјадници морнари и маринци, редовно минуваат низ регионот, запирајќи и во пристаништата во Оман. Пентагон не одговорил веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.
Ирански извори посочија дека разговорите за нуклеарното прашање ќе следат во втората рунда разговори – што можеби нема да биде прифатливо за некои од најблиските поддржувачи на Трамп.
Претходно денес висок ирански функционер им кажа на новинарите на маргините на првиот Меѓународен форум за безбедност во Москва дека повторното отворање на теснецот останува точка на спор.
„Додека не се договориме за сите прашања, сметаме дека ништо не е договорено“, им изјави Али Багери Кани, заменик-секретар на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, на новинарите кога беше прашан за договорот за повторно отворање на поморскиот пат.
Државната телевизија соопшти дека рамковниот договор, кој ги исклучува воените бродови и предвидува Иран да управува со превозот низ теснецот во соработка со Оман, сè уште не е финализиран и дека Техеран нема да преземе никакви чекори без „опиплива верификација“.






