Предупредувањата за климатските промени брзо и масовно доаѓаат од научниците. Илјадници од нив потпишаа труд во кој се наведува дека игнорирањето на климатските промени ќе му донесе „неопишано страдање“ на човештвото, а повеќе од 99% од научните трудови се согласуваат дека луѓето се причината за нив. Но за климатските промени не знаеја секогаш сите. Значи, кога луѓето првпат станале свесни за климатските промени и за опасностите што тие ги претставуваат?
Научниците првпат почнале да се грижат за климатските промени кон крајот на 1950-тите, изјави Спенсер Верт, историчар и пензиониран директор на Центарот за историја на физиката на Американскиот институт за физика во Колеџ Парк, Мериленд, за Лајв саенс. „Тоа беше само можност за 21 век, која изгледаше многу далечна, но се гледаше како опасност за која треба да бидеме подготвени.“
Научната заедница почна да се обединува за акција за климатските промени во 1980-тите, и оттогаш предупредувањата само ескалираа. Сепак, овие неодамнешни предупредувања се само гребење по површината на сантата што се топи; интересот на луѓето за тоа како нашите активности влијаат на климата всушност датира илјадници години.
Уште во античка Грција (1200 п.н.е. до 323 н.е.) луѓето дебатирале за тоа дали исушувањето на мочуриштата или сечењето шуми може да донесат повеќе или помалку врнежи во регионот.
Античките грчки дебати се меѓу првите документирани дискусии за климатските промени, но тие се фокусирале само на локалните региони. Дури неколку милениуми подоцна, во 1896 година, шведскиот научник Сванте Арениус (1859-1927) станал првиот човек што замислил дека човештвото може да ја промени климата на глобално ниво, според Верт. Тогаш Арениус објавил пресметки во Лондонското, единбуршко и даблинско филозофско списание и журнал за наука, кои покажуваат дека додавањето јаглерод диоксид во атмосферата може да ја загрее планетата.
Ова дело е изградено врз истражувањата на други научници од 19 век, како што се Џозеф Фурие (1768-1830), кој претпоставувал дека Земјата би била многу постудена без атмосфера, и Џон Тиндал (1820-1893) и Јунис Њутн Фут (1819-1888), кои одделно покажале дека јаглерод диоксидот и водената пареа ја задржуваат топлината и сугерирале дека атмосферата може да го стори истото.
Предвидувањата на Арениус за климатските промени биле во голема мера точни. Човечките активности ослободуваат јаглерод диоксид, метан и други стакленички гасови, кои го заробуваат зрачењето од сонцето и ги задржуваат во атмосферата, а температурата се зголемува како во стаклена градина што се загрева, па оттука и терминот „ефект на стаклена градина“. Меѓутоа, делото на Арениус не било нашироко читано или прифатено во тоа време, ниту пак целта му била да послужи како предупредување за човештвото; како такво може да се гледа само во ретроспектива. Во тоа време, тој во својата работа едноставно ја препознал можноста луѓето да влијаат на глобалната клима и долго време луѓето го сметале затоплувањето како корисно, според Верт.
Во медиумите до некоја мера се известувало за фосилните горива што влијаат на климата, според една сега вирална статија од 1912 година, за прв пат објавена во списанието Попјулар меканикс, пренесе Ју Ес Еј тудеј. Во написот, кој подоцна истата година беше објавен во неколку весници во Нов Зеланд и Австралија, се признава дека согорувањето јаглен и ослободувањето јаглерод диоксид може да ја зголеми температурата на Земјата, истакнувајќи дека „ефектот за неколку века може да биде значителен“.
Зошто 1950-тите?
Научното мислење за климатските промени нема да почне да се менува сѐ до два значајни експерименти околу 60 години по откритието на Арениус. Првиот, предводен од научникот Роџер Ревел (1909-1991) во 1957 година и објавен во списанието Телус, откри дека океанот нема да го апсорбира целиот јаглерод диоксид ослободен во емисиите на индустриското гориво на човештвото и дека нивоата на јаглерод диоксид во атмосферата би можеле, затоа, значително да пораснат. Три години подоцна, Чарлс Килинг (1928-2005) објави друга студија во Телус, која откри годишен пораст на нивото на јаглерод диоксид во атмосферата на Земјата. Бидејќи е познато дека нивоата на јаглерод диоксид влијаат на климата, научниците почнале да изразуваат загриженост за влијанието на емисиите поврзани со човекот врз светот.
Оттогаш, повеќе студии почнале да ги истакнуваат климатските промени како потенцијална закана за видовите и екосистемите низ целиот свет. „Научниците првпат во 1988 година почнаа да инсистираат дека треба да се преземе вистинска акција“, рече Верт. Ова се случи на Конференцијата во Торонто за атмосферата што се менува, каде што се собраа научници и политичари од целиот свет за да се осврнат на она што беше оформено како глобална закана за атмосферата на Земјата, со повици да се намалат емисиите и негативните ефекти како што е киселиот дожд.
„До 1990-тите, повеќето научници сметаа дека е неопходна акција, но противењето на компаниите за фосилни горива и идеолозите што се противат на каква било владина акција беа успешни во прикривањето на фактите и блокирањето на акцијата“, рече Верт. „Плус, нормалната човечка инерција и неподготвеноста да се направи нешто без непосредна корист за себе“.






