Полицијата собира докази во неколку жупании во централна Хрватска, според соопштението за медиумите од ЕППО.
Истрагата се однесува на активностите на хрватски државјани осомничени за злоупотреба на позиција и овластувања, примање и давање мито, измама со субвенции и фалсификување документи во рамки на злосторничко здружение, на штета на финансиските интереси на ЕУ, објави ЕППО.
Не се дадени дополнителни детали за да не се загрози исходот од тековната постапка, наведува Ројтерс.
Хрватскиот министер за земјоделство Давид Влајчиќ кажа дека промените кои ги иницирало неговото министерство во Агенцијата за плаќања во земјоделството и во системот АРКОД за евидентирање на користењето на земјоделското земјиште се насочени кон поголема транспарентност и контрола на користењето на средствата од ЕУ.
„Нашата цел е да обезбедиме секое евро од јавните пари да стигне до оние кои имаат право на нив“, изјави Влајчиќ за Ројтерс.
Тој кажа и дека агенцијата за плаќања пријавила неправилности со кои се соочила за време на својата работа, дозволувајќи им на надлежните органи, вклучително и ЕППО, да дејствуваат соодветно.
„Ова е доказ дека сме решени да воведеме ред во системот на земјоделските субвенции“, кажа Влајчиќ.
Истрагата доаѓа по скандалот во Грција околу наводна измама, исто така поврзана со земјоделските субвенции од ЕУ, која ја потресе централно-десничарската влада во последните месеци.
Минатата година европските обвинители обвинија десетици грчки сточари за фалсификување на сопственоста на пасиштата за да побараат милиони евра субвенции од ЕУ, наводно со помош на државни службеници и конзервативни политичари.
Аферата доведе до оставка на министри, ја натера ЕУ да ѝ изрече рекордна казна на Грција минатата година за лошо управување со субвенциите и доведе до тоа грчкиот парламент да го укине имунитетот на 13 вмешани пратеници.






