четврток, 7 мај 2026

Северна Кореја го смени уставот, отстранети се одредбите за обединување

Северна Кореја усвои ревидиран устав кој за прв пат прецизно ја дефинира територијата на земјата, додека истовремено се отстранети сите референци за повторно обединување со Јужна Кореја, објави новинската агенција Јонхап.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Северна Кореја сега ја дефинира својата територија како простор што се граничи со Кина и Русија на север и Јужна Кореја на југ, вклучувајќи ги соодветните територијални води и воздушен простор.

Уставот не ја специфицира спорната поморска граница во Жолто Море, особено околу таканаречената Северна гранична линија, која е фактичка демаркација меѓу двете земји, се наведува.

Со ревизијата се отстранети сите формулации кои се однесуваат на обединување, вклучувајќи термини како „мирно обединување“ и „големо национално единство“, што ја одразува политиката на „две држави“ која ја заговара севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Уставот не ја означува Јужна Кореја како „главен непријател“.

Исто така, амандманите значително ги зајакнуваат овластувањата на лидерот на земјата, се наведува.

Претседателот на Комисијата за државни работи за прв пат е уставно дефиниран како „шеф на државата“, со што е поставен над Врховното народно собрание во институционалната хиерархија.

Со новите одредби лидерот добива и директна контрола врз нуклеарните сили, вклучително и правото да ги делегира тие овластувања, додека на парламентот му е одземена можноста да го отповика, што дополнително ја ослабува неговата надзорна улога.

Ревидираниот устав е најновиот во низата промени откако беше првпат усвоен во 1948 година и доаѓа во време на зголемени политички и безбедносни тензии на Корејскиот Полуостров.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ