четврток, 30 април 2026

Шефот на НАСА: Плутон би требало повторно да биде планета

Извршниот директор на НАСА Џаред Ајзакмен повторно ја отвора астрономската дебата која се сметаше за затворена пред две децении: дали Плутон повторно треба да се смета за планета. Тој го искажа својот став за време на сослушувањето во американскиот Сенат, велејќи дека силно ја поддржува идејата, пишува Фјучуризм.

Фото: НАСА

Објавено на

часот

Сподели

„Апсолутно сум во групата што се залага Плутон повторно да стане планета“, кажа Ајзакмен. Во исто време, тој навести дека НАСА „моментално работи на некои документи“ за „ставот што би сакале да го претставиме пред научната заедница со цел повторно да ја разгориме оваа дебата“. Целта, според него, е да „се обезбеди Клајд Томбо повторно да го добие признанието кое некогаш го имаше и кое со право го заслужува“, мислејќи на американскиот астроном кој го откри Плутон во 1930 година.

Статусот на Плутон се промени во 2006 година, кога Меѓународната астрономска унија (ИАУ) официјално ја дефинираше планетата користејќи три клучни критериуми. Според оваа дефиниција, небесното тело мора да орбитира околу Сонцето, да биде доволно масивно за да биде обликувано во сфера од сопствената гравитација и мора да го „исчисти своето соседство“, што значи дека нема други објекти со слична големина во неговата орбита.

Плутон не го исполни третиот критериум и беше прекласифициран како „џуџеста планета“, еден од петте официјално признати такви објекти во Сончевиот систем. Неговиот дијаметар од околу 2.400 километри е само половина од ширината на Соединетите Американски Држави. Одлуката предизвика контроверзии во јавноста, а многумина сметаа дека Плутон е неправедно деградиран.

Се создаде перцепција дека безличната бирократија интервенирала за непотребно да го промени разбирањето на нашиот Сончев систем, сведувајќи ја некогаш саканата планета на астрономска фуснота.

Многу астрономи, меѓутоа, ја поддржуваат одлуката од 2006 година и не се задоволни што раководителот на влијателна институција како НАСА повторно ја отвора дебатата.

„Додека администраторите на НАСА можеби се носталгични за деновите кога Плутон беше планета, вистинските научници кои работат на терен ќе продолжат да се обидуваат да објаснат и класифицираат објекти во Сончевиот систем на начин кој навистина ни помага да го разбереме светот во кој живееме“, изјави за Индипендент Мајк Браун, професор по планетарна астрономија на Калифорнискиот институт за технологија.

Слично мислење има и Бил МекКинон, директор на Центарот за вселенски науки Мекдонел на Универзитетот Вашингтон во Сент Луис, кој ја нарече дискусијата „губење време“. „Секако дека Плутон е планета, но тоа е џуџеста планета, поттип на планета“, нагласи тој. „Се чини дека дебатата се врти околу тоа дали некои сакаат да кажат дали џуџестите планети се планети или не“.

Факт е дека не сите астрономи се согласуваат за дефиницијата на планета, но тоа е прашање што професијата треба да го реши. Како што се собираат нови знаења за нашиот и другите планетарни системи, дефиницијата веројатно ќе се развива и рафинира. Иако ентузијазмот на Ајзакмен може да се разбере, ова прашање е веројатно надвор од неговата компетентност, па затоа не е изненадувачки што неговите изјави иритираат дел од експертите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ