петок, 15 мај 2026

Националистички марш на Израелците во Ерусалим со извици „Смрт за Арапите“ и „Газа е гробишта“ (ВИДЕО)

Израелски националисти вчера одржаа марш под покровителство на државата во Ерусалим за да ја одбележат годишнината од освојувањето и анексијата на градот. Тие извикуваа „Смрт за Арапите“, „Вашите села нека горат“ и „Газа е гробишта“, пишува Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Годишната комеморација на еврејската контрола врз палестинскиот Источен Ерусалим станува сè поекстремна во последните години. Настанот во четвртокот кулминираше кога министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир го развеа израелското знаме пред џамијата Ал-Акса, најсветото исламско место во градот.

Повеќето Палестинци во муслиманскиот кварт на Стариот град ги затворија своите продавници и заминаа дома пред да започне маршот. Сепак, членови на радикалните крајно десничарски еврејски групи се судриле со палестинските жители кои останаа, при што двете страни фрлале столчиња едни кон други сè додека не ги разделила полицијата, која била распоредена во голем број низ градот.

„Дојдов да му покажам на целиот свет дека ова е наш град. Ова е Светата земја. Бог ни ја даде оваа земја и овој град“, кажа 19-годишниот марширачки Ариел Амихаи. Кога го прашале каква порака им испраќа маршот на Палестинците во Ерусалим, тој одговорил: „Дека мора да си заминат. Ова е наша земја. Не можат само да бидат тука и да се обидат да нè избодат или убијат“.

Амихаи, кој е од Модиин, град оддалечен 43 километри од Ерусалим, кажа дека верува оти Денот на Ерусалим, кој ја одбележува окупацијата на источниот дел од градот во 1967 година, е единствениот ден кога Евреите можат да влезат во муслиманскиот кварт низ Портата на Дамаск, иако таа врата ја користат секојдневно и израелските Евреи и Палестинците.

Учесниците на маршот биле донесени со автобуси од целиот Израел и од населбите во окупираниот Западен Брег како дел од голема операција финансирана од општината Ерусалим и владините министерства. И министерот за финансии Безалел Смотрич учествувал во поворката во четвртокот.

Откако Палестинците го напуштиле Стариот град, тензиите главно се случиле меѓу учесниците на маршот поддржан од владата и членовите на еврејската група „Стоиме заедно“, која дошла да ги заштити палестинските жители од политичко насилство.

Суф Патиши, организатор од групата „Стоиме заедно“, кажа дека рекорден број од 400 волонтери во препознатливи виолетови флуоресцентни елеци се појавиле на денот полн со ризик. „Сакавме да го покриеме секој агол од градот за да спречиме напади врз Палестинците“, кажа Патиши. „Да, опасно е и за нас, но не е ни приближно толку опасно како за Палестинците кои живеат тука“.

Меѓу контра-протестантите кои формирале заштитен кордон имало неколку религиозни Евреи. Ултраортодоксен маж со долга сива брада и облечен во златен капут, кој кажал дека доаѓа од северен Израел и се претставил само како Давид, кажал: „Згрозен сум од насилното однесување на луѓето од мојата заедница.

Јас сум религиозен човек, човек од вера и тие го прават тоа во наше име. Чувствував дека морам да направам нешто за да се спротивставам на тоа. Ова е сквернавење на Божјото име, па единствениот начин да се поправи е да се направи спротивното – да се освети Божјото име, Кидуш Хашем“.

На платото на џамијата Ал-Акса, позната кај Евреите како Рид на храмот, Бен-Гвир танцувал со поддржувачите пеејќи „Ридот на храмот е во наши раце“ додека го веел израелското знаме.

Министерот за национална безбедност предводи кампања за прекин на 59-годишниот статус кво, кој датира од израелската окупација на Источен Ерусалим и Западниот Брег во 1967 година, според кој на немуслиманите им е забрането да се молат на светото место.

Во четврток вечерта, Бен-Гвир напиша на својот профил на Телеграм: „Педесет и девет години по ослободувањето на Ерусалим, го кренав израелското знаме на Ридот на храмот и со гордост можеме да кажеме: Ја вративме власта над Ридот на храмот“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ