вторник, 8 јули 2025

На повидок историски одбранбен пакт меѓу Велика Британија и Германија

Велика Британија и Германија се подготвуваат да потпишат сеопфатен меѓудржавен договор што ќе вклучува клаузула за меѓусебна одбранбена помош во случај на стратегиска закана за која било од двете земји, пишува Политико, повикувајќи се на пет извори запознаени со процесот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според информации од Лондон, текстот на договорот е во завршна фаза и се очекува да биде потпишан на 17 јули – непосредно пред летниот одмор на двата парламенти.

Темелите на договорот биле поставени минатото лето од тогашниот лидер на британската опозиција Кир Стармер и поранешниот германски канцелар Олаф Шолц, преку заедничка декларација за соработка во областа на безбедноста и економскиот развој.

Едно од централните поглавја се однесува на одбраната и се надоврзува на Договорот од Тринити хаус од претходната година. Според таа одредба, секоја стратегиска закана за една земја автоматски се смета за закана за другата.

Со вклучувањето на клаузулата за меѓусебна помош, Германија ќе има одбранбен аранжман со двете европски нуклеарни сили – Франција и Обединетото Кралство. Ова се совпаѓа со целта на германскиот канцелар Фридрих Мерц да го зајакне капацитетот за одвраќање на Европа независно од САД.

Иако договорот ќе ја потврди посветеноста на НАТО како основа на колективната одбрана, додавањето таква клаузула јасно го покажува зголемениот акцент на европската безбедносна соработка во контекст на повлекувањето на САД од трансатлантските одбранбени структури.

Договорот ќе содржи и поглавја за борбата против нелегалната миграција, транспортната поврзаност, истражувањето и иновациите. Се очекува и формална посветеност за промовирање на прекуграничната размена – особено чувствителна тема за британскиот премиер Стармер, кој е под притисок да ја намали и легалната и нелегалната миграција.

Конкретните договори за мобилност на младите ќе бидат дискутирани на ниво на ЕУ, бидејќи Велика Британија не успеа да постигне билатерален договор во мај кога беше објавено таканареченото „ресетирање на односите“. Берлин е меѓу земјите што најмногу се залагаат за либерализација на правилата за младите луѓе да дојдат во Велика Британија.

Според изворите на Политико, договорот Стармер-Мерц е резултат на 18 рунди разговори, од кои три се одржаа лице в лице во Берлин и две во Лондон.

Германското Министерство за надворешни работи потврди дека договорот „ќе го опфати целиот спектар на билатерални односи“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ