Нешто во воздухот во Русија се промени. Сега дури и лојалистите се жалат на сѐ поголемите ограничувања и репресија, а некогаш оптимистичките деловни луѓе сега се обесхрабрени.
Сведоци сме на три поврзани процеси. Прво, се менуваат ставовите кон претседателот Владимир Путин. Второ, бледнеат економскиот оптимизам и со него поврзаниот секојдневен патриотизам, кој го слави опстанокот, а не развојот — луѓето едноставно се благодарни што се живи. И конечно, Русите сфаќаат дека е невозможно да се добие војна што ги намали предностите на нивната земја.
Подготовките за годишната московска Парада на победата, која се одржува на 9 мај по повод одбележувањето на крајот на Втората светска војна, оваа година се впечатливо поинакви. Во претходните години пробите почнуваа во април. Оваа година парадата се одржува без проби и без воена техника, со учество на само мал број припадници на војската.
Најважно е тоа што Путин ќе помине помалку време на изложената јавна трибина на Црвениот плоштад, во термин однапред добро познат. Безбедносните импликации се очигледни. Воената парада треба да биде демонстрација на сила и храброст, но ако се одржува прикриено, без проби и со попречување на интернетот — за да се намалат шансите украински јуришен дрон да успее да се насочи кон тоа место — тогаш таа не покажува ништо освен страв и слабост.
„На победниците не им се суди“, сакаше да каже советскиот диктатор Јосиф Сталин. Но на оние што не се победници може да им се суди — а луѓето почнуваат да му судат на Путин. Целиот државен апарат, владата, парламентот, медиумите, црквата и разузнавачките служби сѐ уште се обидуваат да ја прикријат грешката што Путин ја направи уште во 2022 година, кога ја почна целосната инвазија врз Украина — но сѐ потешко им успева.
Путин ја губи својата магија. Моќта и понатаму е целосно во негови раце, но нејзината магија бледнее. Почнува да се појавува и неговиот вистински лик. Под преширокиот костум луѓето сѐ почесто гледаат старец со суви нозе и сѐ послаби мускули. Предвоениот Путин, разголен до појас како јава коњ, сега е невозможно да се замисли.
Во склад со неговиот изглед, се менува и неговиот говор, кој станува конфузен и понекогаш бесмислен. Често скршнува од темата и се мачи да се изрази. Понекогаш навлегува во сферата на фикцијата, зборувајќи за „странски агенти“ што во Русија се безбедни ако ги откриваат изворите на своето финансирање — иако реалноста е сосема поинаква, особено поради неодамнешниот закон што го потпиша самиот претседател. Путин повеќе не влева доверба, дури ни меѓу владејачката елита. Наместо гарант за стабилноста, станува товар.
Нова ера
Расположението сега е впечатливо поинакво отколку пред една година. Се чини дека руското општество направи полн круг: од најлошите стравови во почетокот на „специјалната воена операција“, преку еуфоријата на опстанокот, до нов циклус на сомнеж и страв. Дури и официјалното ниво на поддршка за Путин забележливо опадна.

Од летото 2022 година луѓето главно се приспособија на војната. По почетниот шок од инвазијата, мобилизацијата, заминувањето на западните брендови и емиграцијата на пријатели и познати личности, бранот репресија и забрани, како и бунтот на Јевгениј Пригожин, од 2024 година од урнатините на стариот живот изникна нова благосостојба, а со неа и расположение на „секојдневен патриотизам“, чувство на кревок мир, па дури и враќање на оптимизмот.
Стана јасно дека Русија не може лесно да биде исклучена од светската економија. Војската, иако не успеа да изведе блицкриг, повеќе не се повлекуваше, туку повторно беше во офанзива. Рубљата не колабираше, а државата не ги затвори границите ниту ги замрзна штедните влогови на граѓаните. Индустрискиот раст, невработеноста и платите беа подобри отколку што предвидуваа предвоените прогнози. Глобалниот југ не ѝ сврте грб на Русија, а обновените односи со американскиот претседател Доналд Трамп ја вратија Русија во светот на високата дипломатија.
Режимот успеа кај општеството да наметне чувство дека сите се во ист брод, на кој или сите ќе се спасат или сите ќе загинат. На крајот на краиштата, ако командниот мост тоне, остатокот од бродот веќе е под вода.
Секојдневниот патриотизам му се радуваше на зачувувањето на познатиот начин на живот, и покрај околностите. Дури и за оние што ѝ се противеа на војната, економскиот опстанок стана извор на гордост, давајќи им некаква заедничка основа со оние што ја поддржуваат војната. Но во пролетта 2026 година тоа заедничко чувство повеќе не постои.
Крај на општествената нагодба
Кога ја почна инвазијата во Украина, рускиот режим ги урна претходните општествени нагодби со рускиот народ, но брзо им понуди нова: можете да живеете надвор од војната, но не можете да бидете против неа. За оние што ја прифатија таа понуда — иако никој всушност не ги праша за согласност — режимот беше подготвен да овозможи начин на живот близок до оној пред војната.
Таа размена ја прифатија многумина, ако не и мнозинството: некои од очај, други од вистинска рамнодушност кон туѓата несреќа. Но до пролетта 2026 година рускиот режим, без многу обѕири, еден по друг ги прекрши условите на тој компромис, и општеството сега е гневно. Луѓето не прифатија да ја игнорираат војната само за и самите да станат мета на забрани и репресија, па сега се чувствуваат измамени и изиграни.
Властите ги забранија популарните странски апликации за размена на пораки, како Вотсап и Телеграм, со образложение дека не се транспарентни, и се обидуваат сите да ги натераат наместо нив да ја користат домашната апликација Макс. Не остана незабележано што се имплицира со тоа — дека комуникацијата преку Макс, за разлика од нив, е транспарентна — па луѓето чувствуваат дека нивната приватност грубо е нарушена. Жителите на неслободните земји се особено чувствителни на ова второто, бидејќи личниот простор е сѐ што им останува откако државата ќе го преземе јавниот простор.
Бидејќи апликациите за размена на пораки често се користат и за договарање и плаќање услуги, во јавноста постојат сомнежи дека државата и на тој начин се обидува да ѕирне во паричниците на граѓаните. Таа теорија дополнително ја засилија фискалните мерки воведени во последните месеци, како зголемувањето на ДДВ од 20 на 22 отсто, како и обврската за трансферите преку системот за брзи плаќања да се достави даночен идентификациски број — додека претходно беше доволен само телефонскиот број на примачот.
Се менува и економското расположение. Воениот раст повеќе не значи поголеми приходи и нови можности. Тонот на Путиновиот состанок за економски прашања на 15 април бил значително поинаков отколку на претходните средби меѓу претседателот и економскиот блок на власта.

Владините економисти, кои до неодамна се чувствуваа многу посамоуверено од воениот врв, одеднаш сфатија како е да се биде руски генерал: негативниот раст во првите месеци од 2026 година, судејќи според мрачниот тон на врховниот командант, претставува повлекување.
Војната на интернет
Една неодамнешна пресвртница беше виралната објава на руската манекенка и блогерка Викторија Боња на Инстаграм, во која ги критикуваше руските власти, му порача на Путин дека „има многу работи што не ги знае“ и наброја низа проблеми за кои, според неа, функционерите се плашат да му ги спомнат на Путин, вклучително и прекините на интернетот.
Прво, таа му се обрати директно на Путин, а не на пониски институции како Роскомнадзор, со што индиректно самиот претседател беше означен како извор на проблемите.
Второ, целиот концепт на „специјалната воена операција“ беше изграден врз претпоставката дека претседателот располага со информации што обичните луѓе ги немаат, како планови за непосреден напад однадвор. Пораката на Боња таа претпоставка ја превртува наопаку: ние, народот, знаеме за проблемите во земјата со интернетот и за сѐ друго, но претседателот не знае. А можеби, според тоа, всушност не знае што зборува ни кога станува збор за војната. Можеби не знаел ни кога ја почнал целата работа.
Во меѓувреме, Путин потврди дека лично ги одобрува ограничувањата на интернетот, велејќи дека „безбедноста на луѓето секогаш ќе биде приоритет“. Со тоа повторно ја наметнува класичната авторитарна размена на слободата за безбедност — но тој проверен механизам сега чкрипи. Луѓето буквално велат дека мора да имаат пристап до интернет, дури и ако тоа ги зголемува ризиците од украински дронови. Ако, значи, обичните луѓе се подготвени да ги трпат опасностите што доаѓаат со нивните права, тогаш чија безбедност е загрозена? Со други зборови, од нив се бара да се откажат од своите права заради безбедноста на лидерот.
По објавата на Боња на Инстаграм, Путин, се чини, претпазливо ги критикуваше оние што се одговорни за целиот бран блокади и забрани. Прво им препорача на властите подобро да комуницираат со граѓаните, а потоа ги повика „да не се фиксираат на забраните“.
Неговата реакција беше без преседан, како поради тоа што една иницијатива одоздола предизвика одговор на толку високо ниво, така и поради неговата внимателно одмерена критика на безбедносните служби, кои Путин обично ги штити од каква било одговорност. Тоа изгледа како победа на цивилните бирократи, иако веројатно ќе биде привремена. Чувствувајќи дека ја губи рамнотежата, Путин се обидува повторно да се зацврсти пред изборите за Државната дума во септември, но безбедносните служби веќе ги таргетираат луѓето блиски до првиот заменик-шеф на претседателската администрација Сергеј Кириенко, кој го предводи отпорот против забраните.
Моќ што бледнее
Вистинските виновници за промената на расположението во Русија не се безбедносните служби, бунтовните инфлуенсери ниту рационалните елементи во рамките на режимот. Способноста на украинските вооружени сили да нанесуваат разорни удари врз рафинерии за нафта, складишта и други објекти низ речиси цела Русија го принуди рускиот режим да ги прекрши условите на својот договор со лојалното мнозинство подготвено да замижи на војната.

Жестокиот отпор на Украина, заедно со новата воено-индустриска револуција, доведе до воен застој и го претвори фронтот во зона на смрт. Дури и најжестоките „патриотски“ руски провоени блогери престанаа да повикуваат на општа мобилизација, бидејќи тоа би значело само уште повеќе луѓе убиени од дронови.
Слично на тоа, отпорноста на украинското цивилно население ги распрсна надежите на Русија дека ќе постигне победа зад линиите на фронтот со бомбардирање на украинската енергетска инфраструктура, за населението со студ да го принуди на покорност. Наместо да излезат на улиците и да го соборат претседателот Володимир Зеленски, Украинците се насочија кон набавка на генератори.
Се покажа дека погрешна била и пресметката на Москва дека западната економија прва ќе колабира во директен судир. Токму арената во која Русија се подготвуваше да ги покаже своите предности — воената надмоќ и економската стабилност — се претвори во приказ на нејзините слабости. Руската власт сега е видно придвижена од стравот. Како што магијата на власта бледнее, нејзиното место мора да го заземе принудата, а руските разузнавачки служби се опиени од моќ.
Избувнувањето на вистинската војна во 2022 година ги принуди различните елитни групи да се обединат за да опстанат. Сега неизвесноста околу исходот од војната предизвикува пукнатини во темелите и врвот на режимот, а целата градба тоне. Дури и ако опстане, повеќе нема да изгледа како некогаш.
Истражувачите на фазите на самрак на политичките епохи во историјата ќе го препознаат тоа чувство на бледнеење, кое е тешко да се опише, кога старата моќ сѐ уште не исчезнала, но престанала да се доживува како природна сила што се подразбира.
Во меѓувреме, властите брзаат да покажат дека сѐ е во ред, а притоа прават сѐ повеќе грешки и пролизгуваат како автомобил заглавен во кал. Системот и понатаму е на место, но се поместува од лежиштето и повеќе не се доживува како некогаш. Почнува промена на јавното расположение, која отвора најнеочекувани можности — и привлечни и застрашувачки. Во Русија од почетокот на 20 век тоа чувство инспирираше цел еден книжевен корпус. Можеби во овој век ќе ѝ биде посветен нов.






