петок, 8 мај 2026

„Еко правда“ покрена петиција против измените на законите за минерални суровини и концесии

Здружението „Еко правда“ покрена петиција против предложените измени на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, предупредувајќи дека измените можат да доведат до зголемена експлоатација на природните ресурси и загрозување на јавниот интерес и животната средина.

Објавено на

часот

Сподели

Од здружението велат дека како граѓанска организација, ја покренувааат оваа петиција и ги повикуваат граѓаните да се приклучат во изразувањето несогласување со предложените измени на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство.

„Сметаме дека предложените измени отвораат сериозни прашања од јавен интерес и носат потенцијални ризици кои директно влијаат врз животната средина, приватната сопственост и квалитетот на живот“, велат од „Еко правда“.

Според нив, предложените измени создаваат реален ризик од негативни последици по јавниот интерес и тоа Олеснето доделување концесии и отворање нови рудници, со што се зголемува притисокот врз природните ресурси, Проширување на можностите приватни субјекти да иницираат проекти од „јавен интерес“, без доволно јасни критериуми, Потенцијална злоупотреба на поимот „јавен интерес“, што може да резултира со експропријација на приватен имот, долгорочни последици врз животната средина – загадување на вода, почва и воздух како и ризици по здравјето на населението, особено во локалните заедници.

„Дополнително, загрижувачки е начинот на кој се предлагаат овие измени, а тоа е по скратена постапка, без доволна јавна расправа и без суштинско учество на стручната и граѓанската јавност“, велат од „Еко правда“.

Во интерес на транспарентноста, одговорноста и заштитата на јавниот интерес, додаваат од здружението, „Еко правда“ бара итно повлекување на предложените законски измени, организирање на широка, инклузивна јавна расправа, со активно учество на експерти, граѓански организации и локални заедници, целосна транспарентност во сите постапки поврзани со концесии, експлоатација на природни ресурси и јавно-приватни партнерства и јасно дефинирање и заштита на јавниот интерес, со приоритет на заштитата на природните ресурси и здравјето на граѓаните

„Ова прашање ги надминува политичките разлики. Станува збор за долгорочната заштита на природните ресурси и условите за живот во нашата држава. Со потпишување на оваа петиција, застануваме зад принципите дека природните ресурси се заедничко добро и треба одговорно да се управуваат, јавниот интерес мора да биде јасно дефиниран и заштитен, одлуките што влијаат на сите граѓани треба да се носат транспарентно и со учество на јавноста. Твојот потпис прави разлика. Потпиши се денес“, пишува во петицијата организирана од здружението „Еко правда“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ