Во објава на социјалната мрежа Икс, еден ден откако двете страни меѓусебно се обвинија за напади во Ормускиот теснец, Арагчи порача дека Иранците „никогаш нема да се покорат на притисок“, пишува Би-би-си.
Тој постави прашање: „Дали ова е груба тактика на притисок? Или повторно некој саботер успеал да го вовлече американскиот претседател Доналд Трамп во нова замка?“
И покрај судирите, Трамп изјави дека прекинот на огнот и понатаму е во сила. Целта на примирјето е да овозможат преговори за завршување на војната што САД и Израел ја почнаа во февруари.
Се очекува Иран денеска да одговори на американските предлози, како што најави американскиот државен секретар Марко Рубио.
„Се надевам дека понудата е сериозна, навистина се надевам“, рече Рубио за време на посетата на Италија.
Иран го контролира Ормускиот теснец и ги напаѓа американските сојузници во Заливот како одговор на американските и израелските напади.
Низ тој клучен пловен пат минуваат околу 20 проценти од светската нафта и течен природен гас, а неговата блокада доведе до скок на цените.
Во почетокот на неделава, Трамп почна, а потоа и запре, американска воена операција за ослободување на околу 2.000 пловила што се блокирани во тоа подрачје од февруари.
САД исто така спроведуваат поморска блокада на иранските пристаништа за да извршат притисок врз Техеран да ги прифати американските услови, што предизвика гнев кај иранските власти.
Американската Централна команда денеска соопшти дека американските сили во Оманскиот Залив онеспособиле два празни ирански танкери што се обиделе да впловат во иранско пристаниште, „со што ја прекршиле американската блокада што е во сила“.
Американските сили испукале „прецизна муниција во нивните оџаци, со што ги спречија непослушните бродови да влезат во Иран“, се наведува во соопштението.
Новиот напад уследи по размената на оган во Ормускиот теснец во четвртокот, за која страните меѓусебно се обвинуваат.
Американската Централна команда го обвини Иран за лансирање ракети, беспилотни летала и напади со мали чамци врз три американски воени брода, нарекувајќи го тоа „неиспровоциран напад“.
Од друга страна, иранската врховна воена команда тврди дека САД гаѓале ирански танкер и уште едно пловило што се приближувало кон Ормускиот теснец и дека извеле „воздушни напади“ врз неколку крајбрежни подрачја.
Еден од товарните бродови нападнати во близина на Минаб се запалил, извести Мохамад Радмехр, функционер во јужната покраина Хормозган.
„Десет повредени морнари се пренесени во болница, а локалните екипи и тимовите за потрага се обидуваат да ја утврдат судбината на останатите морнари“, рече Радмехр за иранската државна новинска агенција Мехр.
Американскиот претседател Доналд Трамп во текот на ноќта објави на социјалната мрежа Трут сошл дека САД уништиле повеќе мали чамци, ракети и беспилотни летала, додавајќи дека „на иранските напаѓачи им е нанесена голема штета“.
„Како што денес повторно ги онеспособивме, така во иднина ќе ги удриме уште посилно и пожестоко ако не го потпишат својот договор, и тоа БРЗО!“, порача Трамп.






