петок, 15 мај 2026

Хашкиот суд одби да го пушти на привремена слобода Ратко Младиќ чија болест е терминална

Хашкиот суд одби да го пушти генералот Ратко Младиќ на привремена слобода во Србија, иако независни лекари и претседателот на тој суд потврдија дека неговата болест е „во терминална фаза“, објави синоќа тој суд.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката на судот Грасијела Гати Сантана ја усвоила констатацијата на тие лекари дека Младиќ добива „соодветна нега“ во судскиот притвор во Шевенинген и во притворската болница, во согласност со „признатите меѓународни стандарди“.

Поранешниот командант на војската на Република Српска, генералот Младиќ (84), отслужува доживотна казна затвор на која го осуди Хашкиот трибунал поради геноцид и воени злосторства против муслиманите и Хрватите за време на војната во БиХ, 1992-95 година.

„Младиќ со години е во кревка и ранлива состојба во притвор на ОН и добива трајна, мултидисциплинарна и сочувствителна нега од медицинската служба, во затворската болница и цивилните болници во Холандија“, пресуди судијата Сантана.

Таа потврди дека од „медицинскиот инцидент“ кон средината на април, за кој одбраната тврди дека бил мозочен удар, „состојбата на Младиќ дополнително значително се влошила“ и дека „сите“ лекари „се согласуваат дека тој е во завршната фаза од својот живот“.

Претседателката на судот затоа го отфрлила тврдењето на одбраната дека Младиќ не добива и не може да добива соодветна палијативна нега во затвор и дека неговиот притвор би бил нехуман, суров и понижувачки.

„Врз основа на информациите кои ги имам пред мене, не сум убедена дека хуманитарните и сочувствителните размислувања диктираат ослободување на Младиќ“, заклучи Гати Сантана.

Поранешниот командант на војската на Република Српска, генералот Младиќ, беше осуден од Хашкиот трибунал на доживотен затвор за геноцид во Сребреница и злосторства против човештвото врз муслиманите и Хрватите во БиХ, вклучително и тероризирање на цивилите во Сараево, од 1992-95 година.

Младиќ е во притвор во Хаг од крајот на мај 2011 година, кога беше уапсен во Србија и предаден во Трибуналот.

Српските власти го уапсија генералот Младиќ на 26 мај 2011 година во Лазарево во близина на Зрењанин, а тој беше префрлен во Хаг на 31 мај.

Судењето на Младиќ траеше пред Трибуналот од 16 мај 2012 година до 15 декември 2016 година.

Првостепената пресуда на Младиќ му беше изречена од Трибуналот на 22 ноември 2017 година, а конечната пресуда на 8 јуни 2021 година.

Со тие пресуди генералот Младиќ беше прогласен за виновен за геноцид во Сребреница, прогон на муслимани и Хрвати низ БиХ, тероризирање на населението во Сараево со гранатирање и снајперски оган и земање припадници на Унпрофор како заложници.

По 10 точки од обвинението, Младиќ беше осуден за геноцид во Сребреница и злосторства против човештвото во 15 босански општини, што вклучува: прогон, истребување, убиство, депортација и присилно преселување.

Судот го прогласи Младиќ за виновен и по четири точки од обвинението за кршење на законите и обичаите на војувањето: убиство, терор, нелегални напади врз цивили и земање заложници.

Трибуналот прво го обвини Младиќ на 25 јули 1995 година, а тој беше во бегство до неговото апсење во 2011 година, за време на кое, како што подоцна утврдија лекарите во Хаг, преживеал три мозочни удари.

Во текот на 15-те години поминати во притвор во Хаг, Младиќ преживеал неколку здравствени кризи и медицински интервенции. Со текот на годините, судот отфрлил неколку барања на Младиќ за привремено ослободување.

Во јуни 2013 година, Младиќ во судницата им се заблагодари на Трибуналот и на неговиот медицински персонал за тоа што му го „спасиле животот“ и го „извлекле од гроб“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ