понеделник, 20 јули 2026

Градоначалникот на Њујорк разгледува дали може да го уапси Нетанјаху за време на посетата на ОН

Градоначалникот на Њујорк Зохран Мамдани изјави дека неговата администрација проверува дали има законска можност да нареди апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на неговата очекувана посета на Њујорк во септември, кога ќе се одржи Генералното собрание на Обединетите нации, објави Њујорк тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Верувам дека местото на премиерот Нетанјаху е во Хаг“, рече Мамдани, алудирајќи на Меѓународниот кривичен суд, кој во ноември 2024 година издаде налог за апсење на Нетанјаху под сомнение за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

„Тој е лице за кое Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење поради воени злосторства. Многумина го делат тоа мислење, и тоа исклучиво поради последиците од неговите постапки во текот на изминатите години“, изјави Мамдани.

Тој призна дека не е сигурен дали има овластување да ѝ нареди на њујоршката полиција да приведе странски државен лидер, но потврди дека градската правна служба ја разгледува таа можност.

„Ќе направиме сè што ни дозволува законот во Њујорк. Но нема сами да пишуваме закони за таа цел“, додаде Мамдани.

Налогот на МКС

Меѓународниот кривичен суд го товари Нетанјаху за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа, меѓу кои изгладнување како метод на војување, убиства, прогон и други нехумани дела.

За време на минатогодишната изборна кампања за градоначалник, Мамдани изјави дека доколку Нетанјаху дојде во Њујорк, ќе нареди негово апсење. Во исто време, тој ги осуди и нападите на Хамас врз Израел од 7 октомври 2023 година, нарекувајќи ги „ужасно воено злосторство“.

Њујорк тајмс тогаш објави дека според правни експерти, такво апсење би било практично невозможно и би можело да го доведе градоначалникот во директен судир со федералната влада на САД, која не е членка на МКС и не ја признава неговата надлежност.

Реакции од Израел и САД

Нетанјаху неодамна изјави дека не е загрижен поради заканите на Мамдани, оценувајќи дека градоначалникот го поддржува Хамас, што Мамдани категорично го негира.

„Тој е на страната на терористите“, изјави Нетанјаху за радиото ВАБЦ. „Проблемот е што не признава и не му е гајле дека оние што ги мразат Евреите и Израел, ја мразат и Америка.“

Израелскиот амбасадор во ОН Дани Данон го обвини Мамдани, првиот муслимански градоначалник на Њујорк, дека не се справува со растечкиот антисемитизам во градот.

Мамдани возврати дека ја зголемил финансиската поддршка за канцеларијата што се бори против злосторствата од омраза.

Амбасадорот на САД во ОН Мајк Волц, пак, ги отфрли заканите за апсење како „чист политички театар“, потсетувајќи дека Соединетите Американски Држави не се членка на Меѓународниот кривичен суд.

Поширок политички контекст

Мамдани изјави дека не станува збор за негов личен став кон Нетанјаху, туку за почитување на меѓународното право.

„Зборуваме за Меѓународниот кривичен суд и за фактот дека постои налог за апсење на израелскиот премиер. Како градоначалник на Њујорк, ќе ги почитувам законите на Њујорк“, рече тој.

Неговите изјави доаѓаат во време кога сè поголем број демократи во САД јавно ја преиспитуваат американската политика кон Израел. Минатата недела речиси половина од демократските пратеници во Претставничкиот дом гласаа за укинување на 3,3 милијарди долари воена помош за Израел, иако предлогот не беше усвоен. Според Мамдани, војната во Газа сè повеќе влијае врз расположението на американските гласачи.

„Тешко е да се најде понеуспешна политика од онаа што нашата земја ја водеше кон Газа и Палестина“, заклучи тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ