Во придружба на својата сопруга од холандско потекло, Мари-Франс ван Хил, поранешниот градоначалник на Манчестер, 56-годишниот Бернам пристигна во палатата напладне пред да се упати кон седиштето на владата на Даунинг стрит 10. Тој е четврти премиер од стапувањето на Чарлс Трети на престолот во септември 2022.
Бернам беше назначен за нов лидер на Лабуристичката партија на вонреден конгрес во петокот, а како лидер на владејачката партија, која ужива убедливо мнозинство во британскиот парламент од изборите во 2024 година, ја има и функцијата премиер, пренесува британскиот Би-би-си.
Поранешниот градоначалник на Манчестер стана шестиот премиер кој ја презеде британската влада од 2016 година. Тој го наследи Стармер, кој официјално поднесе оставка пред кралот во Бакингемската палата денес, откако одржа проштален говор пред резиденцијата на премиерот на Даунинг стрит број 10.
Тој рече дека „неговата работа е завршена“ и дека ја напушта позицијата „со насмевка“.
Бернам, популарно познат како „Кралот на северот“, го очекува тешка работа. Откако ќе ги објави имињата на министрите, што само по себе е тема на жестока дебата во рамките на Лабуристичката партија, тој ќе мора да се справи со низа проблеми, од слаб економски раст до зголемување на трошоците за живот.
Тој вети дека ќе го подобри животниот стандард низ целата земја. Една од неговите централни идеи е децентрализацијата на моќта меѓу градовите и регионите, вклучувајќи го и основањето на филијала на Канцеларијата на премиерот во Манчестер.
Стармер, кој беше сменет во парламентот од неговата Лабуристичка партија пред еден месец, рече дека премиерската работа му била „животна привилегија“ и дека на Бернам му посакува „да успее“. „Ја има мојата целосна поддршка“, изјави Стармер.





