Француската министерка за здравство Стефани Рист потврди дека државјанката денес била позитивна на тестирањето, откако во неделата била евакуирана од бродот. Како што пренесува Ле Фигаро, жената почнала да се чувствува лошо за време на летот кон Франција во неделата навечер, откако бродот пристанал во шпанското пристаниште Тенерифе. Преостанатите патници повторно ќе бидат тестирани, а сите петмина сега се наоѓаат во изолација во Париз, изјави Рист.
Заразата е потврдена и кај американски државјани што се враќале од истиот брод. Американското Министерство за здравство и социјални услуги во неделата потврди дека еден од 17-те репатрирани Американци бил позитивен на тестирањето, додека друго лице покажува симптоми на болеста.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, ѝ се заблагодари на Шпанија и на другите надлежни тела за брзото истоварување на патниците во неделата, додавајќи дека тесно соработуваат со здравствените агенции за нивната евакуација.
Претставници на Светската здравствена организација (СЗО) минатата недела најавија дека би можеле да бидат потврдени уште случаи на зараза, бидејќи продолжува тестирањето на патниците и нивните контакти. СЗО воедно се обидува да ги смири стравувањата, истакнувајќи дека оваа епидемија не претставува здравствен ризик од размерите на пандемијата на ковид-19.
Според соопштението на холандскиот тур-оператор Оушнвајд експедишнс од 4 мај, на бродот имало 77 лица од Европа. Хантавирусот обично се шири преку заразени стаорци, но поттипот андес, кој ја предизвикал оваа епидемија, е единствената позната варијанта што може да се пренесува од човек на човек. Досега починаа три лица што престојуваа на бродот, како последица од заразата.






