Најавите на Трамп за намалување на американското воено присуство во Европа, заедно со критиките кон европските сојузници и доведувањето во прашање на Членот 5 на НАТО, предизвикаа сериозна загриженост кај европските држави. Особено одекна одлуката за повлекување на дел од американските сили од Германија и откажувањето на одредени распоредувања што требаше да го зајакнат источното крило на Алијансата.
Иако европските влади јавно продолжуваат да ја нагласуваат важноста на трансатлантското партнерство, во позадина се повеќе се разгледува сценариото во кое Европа мора самостојно да ја организира одбраната на континентот, барем во почетната фаза од евентуален конфликт со Русија.
Најголемиот проблем за европските членки на НАТО не е само бројот на војници или количеството на оружје. Со децении, целата командна архитектура на Алијансата беше изградена околу американското лидерство. САД обезбедуваат клучни разузнавачки системи, сателитски надзор, логистика, воздушна одбрана и координација на големи воени операции.
Без американска поддршка НАТО формално може да преживее, но неговата способност за брзо и организирано реагирање би била сериозно ослабена.
Затоа европските земји не само што размислуваат за зголемување на своите воени буџети, туку и за создавање алтернативен команден систем кој би можел да функционира дури и ако Вашингтон одлучи да остане настрана.
Британски Економист пишува дека се работи на создавање своевидна „нордиско-балтичка оска“, која би ги сочинувале Британија, скандинавските земји, балтичките земји и Полска. Токму овие земји денес ја перцепираат Русија како најголема безбедносна закана и веќе инвестираат значителни ресурси во одбраната.
Влезот на Финска и Шведска во НАТО дополнително ја промени безбедносната слика на северна Европа. Балтичко Море практично стана внатрешен простор на Алијансата, а соработката на нордиските земји никогаш не била поинтензивна.
Полска притоа станува клучна воена сила на источното крило на Европа. Варшава брзо го зголемува воениот буџет, ја модернизира армијата и се обидува да преземе водечка улога во одбраната на регионот. Во случај на слабеење на американскиот ангажман, Полска, заедно со нордиските земји, би можела да стане ‘рбетот на европското одвраќање од Русија.
Посебно внимание се посветува на Заедничките експедициски сили (ЏЕФ), воена коалиција предводена од Британија, која обединува десетина нордиски и балтички држави. Иако ЏЕФ формално беше замислена како дополнување на НАТО, во последниве години сè повеќе се смета за можна рамка за европска одбрана во кризни ситуации.
За разлика од НАТО, каде што секоја членка може да блокира заедничка одлука, ЏЕФ овозможува побрза политичка и воена акција меѓу државите што имаат слични безбедносни интереси. Токму оваа флексибилност денес се смета за една од нејзините најголеми предности.
Британија има посебна улога во таа приказна. И покрај проблемите во сопствените вооружени сили и годините недоволно инвестирање, Лондон сè уште има силна воена инфраструктура, нуклеарен арсенал и искуство во спроведување меѓународни операции. За многу европски земји, Британците би можеле да станат главен организатор на одбранбената соработка ако американското лидерство ослабне.
Сепак, европскиот план Б се соочува со бројни проблеми. Повеќето европски армии сè уште немаат капацитет за долгорочна војна со висок интензитет без американска логистика и технолошка поддршка.
Недостасуваат противвоздушна одбрана, транспортни капацитети, ракетни залихи и координиран команден систем. Покрај тоа, Европа сè уште нема унифицирана политичка стратегија. Додека источните членки бараат посилен одговор на Русија, некои од западноевропските земји сè уште се претпазливи во однос на прекумерната милитаризација на континентот.
Затоа европските безбедносни експерти веруваат дека целосната замена на американската улога не е реална на краток рок. Но, расте и верувањето дека Европа повеќе не може да ја темели својата безбедност само врз претпоставката дека Вашингтон секогаш автоматски ќе интервенира.
Последните неколку години покажаа колку брзо можат да се променат геополитичките околности. Војната во Украина, растечката тензија меѓу големите сили и сè понепредвидливата американска политика ги принудија европските земји посериозно да размислат за сопствената одбрана.
Затоа денешните разговори за европски „план Б“ повеќе не се теоретска дискусија, туку почеток на создавање нов безбедносен модел за континентот. Прашањето повеќе не е дали Европа треба да развие поголема воена автономија, туку колку брзо може да го стори тоа.






