Германскиот политичар објави за време на викендот дека се повлекува по петгодишен мандат и потврди во Њујорк дека ќе замине во јуни, кога треба да биде именуван неговиот наследник. „Донесов лична одлука да го завршам мојот мандат“, кажа тој.
Наследникот на Шмит треба да биде познат на почетокот на јуни, кога Советот за спроведување на мирот во Босна и Херцеговина ќе се состане во Сараево. Во своето последно обраќање пред Советот за безбедност на ОН, Шмит оцени дека властите на Република Српска го доведуваат во прашање територијалниот интегритет на земјата со сецесионистички потези и изјави и со блокирање на државните институции.
Тој додаде дека обидите да се наметне наратив дека БиХ не е одржлива и функционална земја и дека се случува судир на цивилизации се особено загрижувачки.
Спротивставувајќи му се на Шмит, заменичката на постојаниот претставник на САД во ОН Тами Брус оцени дека властите на српскиот ентитет се откажале од заканите за сецесија и ги признале одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, и потсети дека лидерот на босанските Срби Милорад Додик се повлече од функцијата.
„БиХ се движи кон нова фаза. Канцеларијата за висок претставник (ОХР) никогаш не била замислена како постојана функција“, кажа Брус, додавајќи дека наследникот на Шмит ќе има ограничена улога и ќе биде „непристрасна и ќе ја има довербата на сите заедници“.
„Да посредува, а не да диктира одлуки на странците“, нагласи таа.
Рускиот претставник во ОН Василиј Небензја оцени дека ОХР е „главната причина за нестабилност“ во Босна и Херцеговина. „Бараме итно затворање на ОХР. Проблемите треба да ги решат домашните политичари преку дијалог и Дејтонскиот договор“, истакна Небензја.
Претседателот на Претседателството и бошњачки член на државното раководство Денис Беќировиќ, пак, ги обвини Србија и Хрватска за мешање во внатрешните работи на Босна и Херцеговина. „Секогаш кога се цртале мапите во Загреб или Белград, мојот народ страдал“, кажа Беќировиќ.
Претставникот на Хрватска во ОН, Хрвоје Ќуриќ Хрватиниќ, му одговори, велејќи дека Беќировиќ ги користи ОН како платформа за својата изборна кампања. Тој ја изрази загриженоста на Загреб за нарушувањето на позицијата на Хрватите како конститутивен народ и повика на изборни реформи со цел да се спречи нивното прегласување.
„Правата на трите конститутивни народи мора целосно да се почитуваат“, изјави тој.
Претставувајќи го ставот на Европската Унија, постојаниот претставник во ОН Ставрос Ламбринидис ги повика властите на БиХ да ги забрзаат реформите кои ќе овозможат отворање преговори со ЕУ.






