Британскиот премиер Борис Џонсон, играјќи ја својата улога на домаќин по една година стерилна Зум-дипломатија, ги преколнуваше своите колеги лидери до крајот на 2022 година да го извакцинираат целиот свет против ковид-19. Но кога исчезна привидот дека тоа беше еден од најважните светски самити што некогаш се одржале, стана јасно дека клубот на богати нации катастрофално киксна во глобализирањето на чудото од вакцини, вели Си-ен-ен.
Групата вети 1 милијарда дози вакцини против ковид-19 за посиромашните нации. Американскиот претседател Џо Бајден, кој го поддржа укинувањето на патентите за вакцините против ковид, вети дека само тој ќе купи 500 милиони дози. Велика Британија понуди 100 милиони. Ова звучи многу. Но потребни се околу 11 милијарди дози за да се заштити светското население. Не е изненадувачки тоа што светските лидери прво се погрижија за своите нации. Политичарите во демократиите се опседнати со зачувување на моќта. Но богатите нации не успеаја да ги искористат своите богатства и уникатни ресурси за да изградат инфраструктура што може да ги забрза светските вакцинации и да ѝ стави крај на пандемијата.
Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус во средата предупреди дека недостигот од вакцини „предизвикува смртоносен бран“ во делови на Африка, Азија и Латинска Америка. „Од морална, епидемиолошка или економска гледна точка, сега е време светот да се здружи за заедно да се справиме со оваа пандемија“, рече тој.
Неуспехот да се стори тоа е очигледен дури и додека нациите како САД и Велика Британија ги берат плодовите од сопствените високи стапки на вакцинација и повторно се отвораат. Нивниот напредок е загрозен од позаразниот делта-сој на коронавирусот, кој најпрво се појави во Индија – област со слаба вакцинација. Експертите стравуваат дека следниот сој што ќе се развие во огромните области со невакцинирано човештво може да е отпорен на вакцините што го враќаат во нормала развиениот свет.
Во јуни прашавме: „Ако Г7 не може да смисли план за вакцинирање на светот, тогаш зошто постои?“ Тоа сè уште е добро прашање. Но има уште една шанса. Друг самит – овој сосе големите нации во развој – е закажан за Рим во октомври.






