Се смета дека високите нивоа на честички, а можеби и хемикалии, вклучувајќи озон, бензен и цијановодород, ќе го направат ова едно од најголемите глобални загадувања на воздухот во историјата. Локалните власти предупредија 320.000 жители да останат во затворено за да го избегнат задушувачкиот чад од пожарите кои може да го соборат минатогодишниот рекорд, пишува Гардијан.
Сателитска анализа покажува дека во последните денови нивото на ПМ2,5, односно малите честички кои можат да влезат во крвотокот и да ги оштетат човечките органи, пораснале над 1.000 микрограма по кубен метар, што е 40 пати повеќе од препорачаните безбедносни нивоа на Светската здравствена организација.
Во вторникот мониторите на квалитетот на воздухот во Јакутск измериле ниво на ПМ2,5 од 395 микрограма.
Ова спаѓа во екстремната категорија „воздушна апокалипса“, која по дефиниција носи „непосредни и тешки ефекти за секого“.
На руските социјални мрежи може да се најдат фотографии од мерењата, кои се над 17 пати полоши од просекот дури и во најзагадените градови во Индија и Кина.
Си-ен-ен пишува дека голема област е покриена со маглина, а шумските пожари се пробиваат низ шумите кои се суви по неделите суша. Пожарите се големи, а ветриштата силна, па чадот патува дури до Алјаска.
[video:https://youtu.be/78cLjpN6bnE autoplay:0]Научниците сметаат дека човечкиот фактор во климатските промени е важна причина за овие настани. Јакутск, главниот град на руската североисточна федерална република Саха, позната и како Јакутија, е најстудениот зимски град на планетата, но и поради глобалното загревање летните температури таму растат најмалку 2,5 пати побрзо од светскиот просек.
Научниците велат дека ова се случува поради издувните гасови, индустриските емисии, сечењето на шумите и други човечки активности, истакнува Гардијан.
Трендот на соборување на рекордите продолжи оваа пролет, порано од обично и нешто појужно од минатата година, во близина на населените области, како Јакутск.
Голем дел од околината на градот со околу 300.000 жители е четинарска шума (тајга), која лесно се пали кога е топла и сува. Сајбириан тајмс извести на почетокот на мај за првиот пожар во околината на Ојмјакон на североистокот на Јакутија, познат како најстуденото населено место во светот поради рекордно ниските температури.
Воени авиони беа користени за натопување на шумите со вода и сеење на облаците со сребрен јодид и течен водород за да се предизвикаа дождови. И покрај сите напори, десетици пожари беснеат надвор од контрола.
Алексеј Јарошенко, директор на шумскиот оддел на Гринпис во Русија, вели дека лошото управување со шумите, слабата законодавна регулатива како и буџетските кастрења го зголемиле ризикот од пожари. „Со години пропагандата ги уверуваше луѓето да мислат дека климатската криза е фикција, а и ако не е фикција, дека Русија ќе има само ќар, бидејќи ќе стане потопла и попријатна. Сега ситуацијата почнува да се менува. Луѓето полека почнуваат да сфаќаат дека климата навистина се менува, а последиците се навистина катастрофални. Но повеќето општества и политичари се сè уште далеку од разбирањето на вистинските размери на проблемот“, заклучи Јарошенко за Гардијан.
[video:https://youtu.be/29AZDO742sU autoplay:0]





