Голема загриженост во моментот предизвикува делта-сојот на коронавирусот, мошне заразен, кој за прв пат беше идентификуван во Индија во декември минатата година.
Брзо се прошири низ Индија, а потоа и во Велика Британија, предизвикувајќи сè поголем број заразени и мртви. Првиот случај на зараза со делта-сојот во Соединетите Држави беше дијагностициран пред неколку месеци и бројот на заразените сега се зголемува.
Делта-сојот брзо се рашири низ целиот свет и досега е откриен во најмалку 98 земји. Сега е доминантен сој во многу различни земји, како Велика Британија, Русија, Индонезија, Виетнам, Австралија и Фиџи. И е во подем.
Делтата се шири и во Европа.
СЗО на 11 мај го означи делта-сојот како загрижувачка варијанта, со што тој стана четвртата таква варијанта.
Експертката за заразни болести од Медицинскиот факултет на Универзитетот Јејл Инчи Јилдирим не е изненадена од развојот на ситуацијата, пишува порталот Саенс алерт.
„Сите вируси еволуираат со текот на времето и се менуваат со ширење и реплицирање“, рече таа.
Но делтата е уникатна по тоа колку брзо се шири, рече Ф. Пери Вилсон, епидемиолог на Медицинскиот факултет на Универзитетот Јејл.
„Делта-сојот сигурно ќе ја забрза пандемијата низ светот“, рече тој.
Две важни мутации
Научниците открија повеќе од 20 мутации во делта-сојот, но две може да бидат клучни во помагањето да се пренесе поефикасно од претходните соеви. Ова е причината зошто првите извештаи од Индија го нарекоа „двоен мутант“.
Првата е мутацијата Л452Р, која се наоѓа и во сојот Ипсилон, кој СЗО го означи како варијанта од интерес. Оваа мутација ја зголемува способноста на протеинскиот шилец да се поврзе со човечките клетки, а со тоа се зголемува и неговата инфективност.
Прелиминарните студии исто така сугерираат дека оваа мутација може да му помогне на вирусот да ги избегне неутрализирачките антитела произведени и од вакцините и од претходна зараза.
Втората е новата мутација T478K. Оваа мутација се наоѓа во регионот на шилестиот протеин на САРС-КоВ-2, кој се поврзува со човечкиот рецептор АЦЕ2, што го олеснува влегувањето на вирусот во белодробните клетки.
Неодамна опишаната варијанта „делта плус“ ја носи и мутацијата K417Н. Оваа мутација се наоѓа и во бета-сојот, против која ковид-вакцините може да бидат помалку ефикасни.
Една добра работа во врска со делта-сојот е фактот што истражувачите можат брзо да го следат затоа што неговиот геном содржи маркер што ѝ недостига на претходно доминантната алфа-варијанта.
Овој маркер – познат како „С ген таргет“ – може да се види во резултатите од ПЦР-тестовите што се користат за откривање на ковид-19. Значи, истражувачите можат да ги користат позитивните резултати на С-таргет за брзо мапирање на ширењето на делта, без потреба детално да ги следат примероците.
Најстрашните последици од кој било загрижувачки сој се однесуваат на инфективноста, сериозноста на болеста и имунитетот добиен од претходна зараза и од вакцините.
Пет факти за делта-сојот:
1. Позаразен е од другите соеви
Делта е име за сојот Б.1.617.2., мутација на вирусот САРС-КоВ-2 што првпат се појави во Индија.
Првиот случај на инфекција со делта-сојот беше идентификуван во декември 2020 година, а потоа брзо се рашири и стана доминантен во Индија, а потоа и во Велика Британија. За само два месеци, делта го замени алфа-сојот како доминантен вид на САРС-КоВ-2 во Велика Британија. Зголемувањето е првенствено кај помладите возрасни групи, од кои голем дел се невакцинирани.
До крајот на јуни, делта-сојот веќе сочинуваше повеќе од 20 проценти од случаите на инфекција во САД. Тој број рапидно расте, па се очекува наскоро да преовладува и во таа земја.
Светската здравствена организација (СЗО) оцени дека овој сој на вирусот е „најбрз и најсилен“.
„Всушност прилично е драматично како стапката на раст ќе се промени“, рече Вилсон.
Делтата се шири 50 проценти побрзо од алфа, која беше за 50% позаразна од оригиналниот сој на вирусот, што значи дека новиот сој е за 75% позаразен од оригиналната верзија, рече тој.
„Во целосно неконтролирано опкружување, каде што никој не е вакциниран и не носи маска, се проценува дека едно просечно лице заразено со оригиналниот сој ќе зарази уште 2,5 лица“, рече Вилсон. „Во исто опкружување делта-сојот ќе се прошири од една личност на можеби 3,5 или 4“.
„Инфекцијата се шири експоненцијално и побрзо“, рече тој.
Има некои шпекулации дека делта-сојот го намалува таканаречениот „сериски интервал“: периодот помеѓу првиот заразен случај и заразувањето на неговите домашни контакти. Меѓутоа, во една сè уште нерецензирана студија истражувачите во Сингапур откриле дека серискиот интервал на пренос во едно домаќинство не е пократок за делта отколку за претходните соеви.
2. Ризик за невакцинираните
Невакцинираните се изложени на најголем ризик.
Децата и младите исто така се причина за загриженост.
„Неодамнешна студија од Обединетото Кралство покажа дека децата и возрасните на возраст под 50 години имаат 2,5 пати поголема веројатност да се заразат со делта-сојот“, рече Јилдирим.
„Додека постарите возрасни групи се вакцинираат, помладите и невакцинирани ќе бидат изложени на поголем ризик од заразување со болеста од кој било сој на ковид-19“, рече таа. „Но се чини дека делтата влијае на помладите возрасни групи повеќе од претходните соеви“.
Една студија од Шкотска, каде што преовладува делта-сојот, откри дека случаите на делта довеле до 85% повеќе хоспитализации од другите соеви. Сепак, повеќето од овие случаи не биле вакцинирани.
Истата студија откри дека двете дози на Фајзер нудат 92% заштита од симптоматска инфекција за алфа и 79% за делта. Заштитата од вакцината на Астразенека е значителна, но помала: 73% за алфа наспроти 60% за делта.
Една јавноздравствена студија во Англија откри дека единечна доза од која било вакцина е само 33% ефикасна против симптоматска болест во споредба со 50% против алфа-варијантата. Значи, примањето втора доза е исклучително важно.
Во напис пред печатење, Модерна откри дека нејзината иРНК-вакцина штити од делта-зараза, иако одговорот на антителата е намален во споредба со оригиналниот сој. Ова може да влијае на долготрајноста на имунитетот.
3. Делта-сојот може да предизвика „хиперлокални жаришта“
Ако делтата продолжи да се шири доволно брзо за да ја забрза пандемијата, Вилсон вели дека најважните прашања ќе бидат преносливоста – колку луѓе ќе бидат заразени со неа и колку брзо ќе се шири?
Одговорите може да зависат делумно од тоа каде живеете и колку луѓе се вакцинирани во тоа место, рече тој.
На пример, еден слабо вакциниран град опкружен со високовакцинирани области може да доживее вирусот да остане во неговите граници, а резултатот може да биде „хиперлокални жаришта“, рече тој.
Ако во една област одеднаш се заразат премногу луѓе, локалниот здравствен систем ќе биде преоптоварен и повеќе луѓе ќе умрат, рече тој. „Затоа мора да бидеме многу загрижени.“
4. Различни симптоми
Важното прашање е дали од делта-сојот на вирусот ќе се разболите посилно отколку од оригиналниот вирус.
„Врз основа на следењето на хоспитализациите во Велика Британија, сојот е веројатно малку повеќе патоген“, рече Вилсон.
Иако се потребни дополнителни истражувања, првите информации за сериозноста на делта-сојот вклучуваат студија од Шкотска што покажала дека кај делта-сојот има двојно поголема веројатност невакцинираното лице да заврши во болница отколку кај алфа-сојот. А вакцините значително го намалија тој ризик.
Второто прашање се фокусира на тоа како делта-сојот влијае на човечкото тело. Постојат информации за симптоми што се различни од оние што се поврзани со оригиналниот сој на коронавирусот, рече Јилдирим.
„Се чини дека кашлањето и губењето на мирисот се поретки. А се јавуваат главоболки, болки во грлото, течење на носот и треска, врз основа на најновата студија во Велика Британија, каде што повеќе од 90 проценти од случаите се заразени со делта-сојот“, рече таа.
Не е познато дали делта-сојот може да предизвика поголем имунолошки пробив, односно да зарази луѓе што биле вакцинирани или имаат природен имунитет од претходна инфекција со коронавирусот, што досега е реткост.
„Пробивот на имунитетот е големо прашање“, рече Вилсон. „Барем кога станува збор за имунитетот што го создаваат и-РНК вакцините, не се чини дека тоа ќе биде проблем.“
5. Вакцинацијата е најдобра заштита од делта-сојот
Најважното нешто што можете да го направите за да се заштитите од делта-сојот е целосно да се вакцинирате, истакнуваат лекарите. Ова значи дека мора да ги примите двете дози од дводозните вакцини и да поминат препорачаните две недели по вакцинирањето со втората доза заради максимална заштита.
Дали делта-сојот ќе биде доволен да ги охрабри оние што може да се вакцинираат да го сторат тоа? Никој тоа не го знае со сигурност, но можно е, рече Вилсон, кој советува сите што се колебаат за вакцинацијата да разговараат со својот матичен лекар.
„Кога ќе се појават локални жаришта, стапките на вакцинација се зголемуваат“, рече тој.
„Знаеме дека ако некој што го познавате тешко се разболи и отиде во болница, тоа може малку да ја промени вашата проценка на ризик. Тоа може да се случува почесто. Се надевам дека стапките на вакцинација ќе се зголемат“.






