За опозицијата која учествуваше на минатогодишните избори би гласале околу осум отсто од анкетираните, девет отсто кажале дека би го дале гласот за опозицијата не наведувајќи конкретна партија, а 13 отсто се неодлучни, додека повеќе од петтина од анкетираните, 21 отсто, не би излегле на гласачките места.
Истражувањето на примерок од 1.200 анкетирани го спровел невладиниот истражувачко-издавачки центар Демостат, чии претставници кажаа дека резултатите ја „покажуваат доминацијата на власта и мал број најавени апстиненти“, бидејќи укажуваат дека 80 отсто од луѓето би излегле на избори, „што долго не се случило“.
Главниот истражувач на Демостат, социологот Среќко Михајловиќ, оцени дека „Белград е нешто друго“, тврдејќи дека опозицијата во Белград „има шанси“ да ја победи партијата на српскиот претседател Александар Вучиќ, „но само ако постигне договор“.
Според тие податоци, во српската престолнина се релативно изедначени односите бидејќи за власта и за опозициските партии кои во 2020 ги бојкотираа избори би гласале по 21 отсто од гласачите, а опозицијата која учествуваше на минатогодишните избори би добила 10 отсто.
Програмскиот директор во Демостат Зоран Пановиќ укажа дека постои „расположение против Вучиќ“, но дека главното прашање е дали опозицијата ќе умее да го артикулира незадоволството на граѓаните.
Гласачите во Србија, покажува истражувањето, се единствени во поглед на оценките дека зачувување и заштитата на животната средина се поважни од економскиот развој кој би ѝ штетел на средината, согласни се дека медиумите треба да бидат „слободни за сите“, додека повеќе сметаат дека власта не треба да ја признае независноста на Косово.
На изборите во јуни 2020, кои поради неповолните изборни услови ги бојкотираа значителен дел опозициски партии, Српската напредна партија и нејзините коалициски партнери освоија уверливо мнозинство со повеќе од 200 од вкупно 250 пратенички места во српскиот парламент.
Во Србија во тек се преговори за усогласување на условите за фер и демократски избори, особено од аспект на пристапот и рамноправната застапеност во медиумите, кои сега главно ги контролира владејачката партија, а во делот за меѓупартискиот дијалог учествуваат и претставници на Европскиот парламент.
Избори се очекуваат во март или април 2022, а опозицијата инсистира да бидат одвоени изборите за градската власт во Белград, парламентот и локалната власт, за да се оневозможи владејачката СНС да води кампања со името на нивниот претседател и актуелен шеф на државата, кој е уверливо доминантната политичка фигура во земјата.






