четврток, 30 април 2026

Кучан: Не е Милошевиќ тој што го заби клинецот во мртовечкиот ковчег на Југославија

Објавено на

часот

Сподели

Кучан, највлијателниот политичар во Словенија во втората половина на осумдесеттите години, смета дека е невозможно вината да се префрли на само една република, бидејќи секоја од нив го барала својот начин за излез од кризата.

„Ние го најдовме нашиот начин“, рече Кучан во интервју за Радио Слободна Европа.

Кога беше создадена Југославија, Словенците сигурно во неа гледаа своја земја и имаа доволно причини да живеат во неа со другите нации, вели Кучан во разговор по повод 30-годишнината од прогласувањето независност на Словенија и почетокот на интервенцијата на ЈНА на 25 јуни 1991 година.

„Меѓутоа, кога се променија условите во светот и во рамките на Југославија, тогаш таква каква што беше – не можеше да биде сфатена како држава во која се штитат националните интереси на Словенија“, посочува тој.

Според него, дискусиите дека Словенците „лицемерно и неискрено“ влегле во Југославија не се точни.

„Но вистината е дека државата многу брзо се претвори во нешто друго, дека очекувањата беа изневерени“, рече Кучан.

За поранешниот претседател на Србија и на Југославија Милошевиќ, Кучан вели дека тој бил човек што „инсистирал на своите ставови“.

„Ако повторно кажам малку поедноставено, тој претпочиташе да зборува наместо да слуша – и тоа беше проблемот“, рече првиот претседател на независна Словенија.

Кучан вели и дека Милошевиќ бил „прагматичен политичар што немал програма“, додека Меморандумот на Српската академија на науките и уметностите претставувал некаква програма што го поставувала интересот на Србија во Југославија како доминантен.

„Од една страна, прагматичен политичар што немаше програма и, во исто време, интелектуален производ што не беше способен за акција. Тоа потоа се спои и тука имаше човек способен за акција со цел да ја реализира таа програма“, рече тој.

Бидејќи немаше доволно спремност да се применува уставниот систем на Југославија, тогаш тоа само по себе доведе до логично распаѓање, кое беше неизбежно, смета Кучан.

„Повторно се враќам на тоа, државните заедници создадени во некои посебни историски услови мора да бидат спремни во време кога овие историски услови се менуваат повторно да го потврдат рациото на своето заедничко живеење“, рече тој.

Нон-пејперот очигледно постои, опасно е да се зборува за прекројување на границите

Запрашан за наводниот нон-пејпер на словенечкиот премиер Јанез Јанша, поранешниот претседател на Словенија вели дека таков документ „очигледно постои“.

„Сега излезе дека во Брисел е познато кој е неговиот автор, како и содржината, но не сакаат тоа да го откријат поради неговиот погубен ефект врз меѓународните односи“, рече тој.

Кучан смета дека Словенија не може да има поинаков став од оној со кој тргнала во процесот на своето државно осамостојување – дека сите републики имаат право на свои држави и дека распадот на Југославија треба да заврши во постојните граници.

„Значи, не доаѓа предвид никакво прекројување на границите“, рече тој.

„Најдобро би било да се архивира тој таканаречен нон-пејпер и да се заврши дискусијата за тоа. Тоа значи да се прифати позицијата во Европа каква што е денес дека дискусијата за промена на границите не е дозволена“, додаде тој.

Замор на Западен Балкан од чекањето влез во ЕУ

Запрашан за „одложувањето“ на пристапувањето на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, Кучан рече дека не станува збор за одложување, туку дека ЕУ не е подготвена да се ангажира во тие земји за тие, со поддршка на европските институции, да бидат во состојба што побрзо да ги исполнат условите за прием.

„Тие земји сами по себе немаат доволно сила да го сторат тоа. Во ЕУ нема доволно решителност да им помогне, за овие земји да не влезат во европскиот блок со своите нерешени проблеми, а од друга страна, тие постојано се во некаква чекална пред врата што очигледно не се отвора“, рече тој.

Поранешниот претседател на Словенија се присетува кога на Европскиот форум на Блед пред три или четири години бил тогашниот министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.

„На главниот панел зборуваше за тоа колку ЕУ се уморила од проширувањето, а тој тогаш рече, ако добро се сеќавам, буквално вака: ‘Господа, ве слушам вас како ЕУ се уморила од проширувањето, а ние се уморивме од чекањето’“, наведува Кучан.

„Значи, тука тогаш треба да се бара вистината и да се најде излезот“, додава тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ