Во последните неколку месеци, далеку од љубопитните погледи на светот, 41-годишниот монарх на Бутан шета и патува на коњ и со автомобил низ јужните и источните граници на својата земја во непосредна близина на Асам и Аруначал Прадеш. Пијавиците, змиите и другите опасности што демнат во џунглите на Бутан не се пречка за кралот да ги предупредува своите жители за опасностите од пандемијата и големиот број заразени во Индија.
Ефектот од екскурзиите на кралот се гледа во бројот на жртвите од ковид-19 – само една – во оваа нација сместена помеѓу Индија и Кина на источните Хималаи.
Бутанците ја нарекуваат својата земја Друк Јул, што значи Земја на громовитиот змеј. Бутан е различен од другите земји на многу начини. Развојот не го мерат според БДП, туку според БНС – бруто национална среќа. Пластичните кеси, цигарите, како и изградба на куќи во модерен стил таму се забранети бидејќи се признава само традицијата. Владетелот на Бутан на западњаците им е невообичаен, како и земјата со која управува.
Кралот се одлучил за вистинска авантура, патување низ планините и оддалечените села на кралството, за да ги предупреди своите луѓе за коронавирусот. Со автомобил, коњ и пеш, тој тргнал на 14-месечно патување, храбро влегувајќи во дивините на земјата, вклучувајќи и минување низ џунглата што крие многубројни опасности, како што се змии и пијавици. Со бејзбол-капа на главата и традиционална облека, тој одел од место до место за да предупреди на немилосрдната пандемија и големиот број заразени во соседна Индија.
Официјалната кралска страница на Фејсбук содржи и официјални објави што им овозможуваат на обожавателите на кралот да ги следат фазите на патувањето. Во последниве недели кралот пешачел пет дена по патека што минува и по ридови високи и до 4.343 метри за да им се заблагодари на здравствените работници во зафрлените области. Поминал 65 километри со ранец на грб и планинарска опрема. Ноќе спиел во шатор, а преку ден шетал низ селата и градовите, разговарал со здравствените работници, проверувал дали е сè под контрола на граничните премини и разговарал со жителите што ќе ги сретнел на патот.
„Кога кралот патува со километри и тропа по вратите за да ги предупреди луѓето за пандемијата, неговите скромни зборови се почитуваат и се сфаќаат многу сериозно“, изјави за Ројтерс премиерот на Бутан, Лотај Церинг.
„Присуството на Неговото Височество е далеку помоќно отколку едноставното издавање јавни упатства“, рече Церинг.
Неговото присуство ги уверува луѓето дека не се сами во борбата против пандемијата, рече премиерот.
Татко на две момчиња, по секое патување кралот престојува во хотел во главниот град Тимфу за да ги следи протоколите за карантин. Како и повеќето од неговите поданици, тој примил една доза вакцина.
Малата хималајска земја вели дека 470.000 од нејзините 770.000 жители примиле прва доза од вакцината Астра зенека, донирани од Индија. Бутан има само еден лекар на секои 2.000 жители.






