четврток, 30 април 2026

Комунистичката партија на Кина објави клучен документ во кој повика на морална дисциплина

Објавено на

часот

Сподели

Објавениот документ ја јакне доминацијата на претседателот Си Џинпинг над партијата пред третиот мандат кој почнува следната година, додека воедно ја изразува неговата визија на историскиот пат на Кина.

Резолуцијата за „постигнувањата и историските искуства“ на партијата од основањето пред 100 години е донесена на крајот на четиридневната, затворена седница на Централниот комитет која се одржа минатата недела.

Резолуцијата претседателот Си го става на пиедестал како претходниците Мао Це Тунг и Денг Сиаопинг, чија моќ ја зацементираа слични резолуции донесени во 1945 и 1981 година.

Документот содржи преглед на кинеската историја, од „понижувањето“ на доцното царство Шинг па сè до современа Кина, и надежта во идното „големо подмладување“, со акцент дека придвижувач на напредокот е Комунистичката партија.

Денг во 1978 ги почна реформите кои ја трансформираа Кина во втора најголема светска економија. Неговата резолуција ја истакнуваше важноста на „колективното лидерство’ по маоистичките ексцеси на Културната револуција.

Меѓутоа, претседателот Си, кој стекна повеќе моќ од кој било лидер по Мао, во најновата резолуција не го истакна колективното лидерство.

Иако новиот документ ветува продолжување на политиката на „реформа и отворање“, во него се напоменува дека од нејзиното придвижување се појавиле „погрешни трендови на мислење како обожавањето пари, хедонизмот и екстремниот индивидуализам“.

Резолуцијата наведува дека во реформската ера партијата забележала коруптивни пракси и слабеење на својот врв.

Во решавањето на овие проблеми можат да помогнат построгото управување, посилната идеолошка работа и повеќе културна „самодоверба“, се наведува во документот кој истакнува дека во ерата на Си се решени многу долгорочни проблеми.

Си повика на постигнување „заеднички просперитет“ настојувајќи да го намали јазот во богатството и претседаваше со голема антикорупциска кампања, казнувајќи повеќе од милион функционери, од нискорангирани кадри до потенцијални ривали за врвот на Комунистичката партија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ