четврток, 30 април 2026

Како Зоран Милановиќ разгневи четири држави за неколку дена

Објавено на

часот

Сподели

Австрија

Милановиќ во медиумите ја коментираше одлуката на австриските власти да воведат карантин за невакцинираните, и истата ја нарече „фашизам“.

„Значи, ваквите одлуки не ги носи никаква наука, не е никаков заговор, никаков пеколен план да се уништиме… Ова е импулс кој од некаде доаѓа. Австрискиот претседател ми е пријател, се извинувам поради изјавата за тоа дека таму се случува фашизам. Тој е либерален и земјата која него таков либерален и зелен ќе го избере не може да биде фашистичка. Но некои политичари се однесуваат инертно, бавно размислуваат“, кажа Милановиќ и успеа да предизвика дипломатски проблеми.

Поради тврдењата на претседателот дека одлуката на Австрија е фашистичка, амбасадорот на Хрватска во Австрија беше повикан на разговор, на што Милановиќ одговори во свој стил.

„Ние ќе изразиме загриженост за основните човекови права во Австрија. Кога веќе повикуваат за глупости, тогаш и ние ќе ги повикаме нив“, порача хрватскиот претседател.

Босна и Херцеговина

Познат по отсуството на такт и промисленост, Милановиќ, зборувајќи за злосторствата во регионот, кажа дека во Сребреница се случил геноцид, но дека тогаш за потешките злосторства треба да се смисли нов назив.

„Јас велам дека е геноцид, но тогаш за уште потешките злосторства мораме да измислиме ново име. Ја почитувам туѓата жртва, но не е сè исто. Ако сè биде геноцид мораме да најдеме друго име за она што нацистите им го правеле на Евреите во Втората светска војна. Не е секоја жртва геноцид, тоа е релативизирање“, кажа тој и истакна дека за жртвите е битна правдата.

Само неколку дена претходно, Милановиќ кажа дека постојат „различни видови геноцид“.

„Тоа е мојот став генерално, меѓутоа постојат геноциди и геноциди. Постои геноцидот над Евреите, постои геноцидот во Руанда, постои геноцидот во Сребреница, еден настан е дефиниран како геноцид, а геноцидот има широк опсег“, порача тој, поради што одделни политичари во БиХ поднесоа тужба во обвинителството поради намалувањето на злосторството на геноцидот во Сребреница.

Србија

Зборовите на Милановиќ одекнаа во Србија кога зборуваше за убиството на семејството Зец. На 30-годишнината од убиството на девојчето Александра и нејзините родители Марија и Михајло Зец во Загреб, тој истакна дека семејството Зец било повикано во хрватската влада, дека добило отштета и праша – „што уште треба?“.

„Случајот Зец пред 30 години беше случај на подмолно убиство на еден загрепски месар, Србин по националност, човек со доста пари. Човекот е богат, може да се ограби, а и Србин е, никој нема да трепне. Имале криминални намери, што се покажа и подоцна, кога завршија во затвор за нивните злосторства. Хрватската држава нема ништо со тоа, тоа е општествен талог“, оцени Милановиќ.

Истакна дека државата Хрватска со тоа нема никаква врска и нејасно е зошто вмешаноста и понатаму се спомнува во медиумите. Многумина ова го видоа како релативизација на злосторствата над невините, а осуди стигнаа и од српската и од хрватската јавност.

Украина

Последната земја на списокот на Милановиќ е Украина, која ја коментираше поради посетата на премиерот Андреј Пленковиќ. Милановиќ кажа дека заминувањето на Пленковиќ во Украина е „обично шарлатанство“ бидејќи доаѓа во момент кога „Русија тропа со оружје“.

Поради неговите зборови се огласи и претседателот на Украина Володимир Зеленски, кој на хрватскиот колега му порача дека не е солидарен со пријателите.

„Да има повеќе од 100.000 војници на границата со Хрватска, претседателот Милановиќ посетата на украинскиот премиер на Загреб не би го нарекол шарлатанство, туку манифестација на солидарност и пријателство“, порача Зеленски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ