На социјалните мрежи веќе подолго време се шират информации дека ивермектинот помага против ковид-19, а тоа го тврдеше и лидерот на Партијата на слободата на Австрија (ФПО), Херберт Кикл на една прес-конференција.
Во меѓувреме, самиот Кикл заболе од ковид и е во карантин.
„Ивермектинот постојано е распродаден, иако е препарат за кој е потребен рецепт“, изјави за весникот „Оберестерајхише нахрихтен“ претседателот на Фармацевтската комора на Горна Австрија, Томас Фајтшегер.
Тој рече дека веќе имало труења со ивермектин, бидејќи луѓето земаат дози што се наменети за коњи.
Голем број студии, како и германскиот институт Роберт Кох и Европската агенција за лекови, предупредуваат на несаканите ефекти од употребата на ивермектин и опасноста од труење.
Австрискиот министер за здравство Волфганг Микштајн ги отфрли претходните изјави на Кикл во врска со ивермектинот, нагласувајќи дека се опасни.
Тој истакна дека е познато дека високата доза ивермектин е исклучително токсична, како и изјавите дека овој лек помага против ковид-19.
„Чудо од лек“
Ивермектинот е наречен „чудо од лек“ против ковид, кој го поддржуваат противниците на вакцините, а го препорачуваат и здравствените власти во некои земји.

Веќе неколку години ивермектинот е главен антипаразитски лек што се користи за лекување на луѓе и животни.
Здравствените власти во САД, Обединетото Кралство и ЕУ открија дека нема доволно докази за користење на лекот против ковид, но илјадници поддржувачи, од кои многумина се активисти против вакцините, продолжија енергично да водат кампања за неговата употреба.
Фамата околу ивермектинот поттикна голем број луѓе низ целиот свет да го користат.
Поборниците на лекот укажуваат на голем број научни студии и често тврдат дека овие докази се игнорираат или прикриваат. Но прегледот на група независни научници фрли сериозен сомнеж врз таа група на истражувања.
Би-би-си откри дека во повеќе од една третина од 26 големи испитувања на лекот за употреба на ковид има сериозни грешки или знаци на потенцијална измама. Ниту една од другите студии не покажува убедливи докази за ефикасноста на ивермектинот.
Фабрикувања и погрешни податоци
Д-р Кајл Шелдрик, еден од групата што ги истражува студиите, рече дека сите можни клинички испитувања што тврдат дека докажуваат дека ивермектинот спречува смртни случаи од ковид содржеле „очигледни знаци на фабрикување или грешки толку критични што ја поништуваат студијата“.
Главните проблеми вклучуваат:
– Исти податоци за пациенти се користат повеќе пати за наводно различни луѓе
– Има докази дека изборот на пациенти за тест-групите не бил случаен
– Тие бројки веројатно нема да се појават природно
– Неправилно пресметани проценти
– Локалните здравствени тела не знаат за студиите.

На пример, за една влијателна студија од Египет излегло дека содржи пациенти што починале пред да почне тестирањето. Сега списанието што ја објави ја повлекува.
За една неодамнешна студија во Либан излегло дека има групи од податоци за 11 пациенти што постојано биле копирани и пастирани – што сугерира дека многумина од наводните пациенти на испитувањето всушност не постоеле.
Авторите на студијата изјавиле за Би-би-си дека „оригиналните податоци биле лажирани, саботирани или по грешка внесени во финалната датотека“ и дека поднеле барање за повлекување до научното списание што ја објавило.
Групата независни научници го испитувале практично секое контролирано испитување по случаен избор (РКТ) за ивермектинот и ковидот (што теоретски се најквалитетните докази), вклучувајќи ги сите клучни студии што редовно ги наведуваат промоторите на лекот.
РКТ-ата вклучуваат луѓе што се одбрани по случаен избор за да го примат или лекот што се тестира или плацебо – лажен лек без активни својства.
Од вкупно 26 испитани студии, во пет имало докази дека податоците можеби се лажни – на пример тие содржеле практично невозможни бројки или редици на идентични пациенти само копирани и пастирани.
Всушност, во сите студии што давале добри податоци за ивермектинот (дека спасува животи или спречува зараза) – колку што биле побомбастични тврдењата, толку била поголема загриженоста дека се погрешни или неточни, откриле истражувачите.
Најголемата и најквалитетна студија за ивермектинот објавена досега е испитувањето Тугедер трајл на универзитетот Мекмастер во Канада.
Студијата не нашла никаква корист за лекот кога станува збор за ковид.
Лажно чувство на сигурност
Случаите на потенцијални труења со ивермектин во САД се многу зголемени, но повеќето не се сериозни. Пациентите имале повраќање, дијареа, халуцинации, конфузија, поспаност и тремор.
Но индиректната штета може да дојде од давањето лажно чувство на сигурност кај луѓето, особено ако тие изберат ивермектин наместо да побараат болничко лекување за ковид или да се вакцинираат.
Д-р Патриша Гарсија, експертка за јавно здравје во Перу, рече дека во една фаза проценила дека 14 од секои 15 пациенти што ги видела во болница зеле ивермектин и додека да дојдат кај неа веќе биле „навистина, навистина болни“.
Големите фејсбук-групи поборници на ивермектинот се претворија во форуми за луѓето да најдат совет каде да го купат, вклучително и препаратите наменети за животни.

Некои групи редовно содржат објави за теории на заговор за прикривање на ивермектинот, како и за поттикнување антивакцински чувства или за охрабрување на пациентите да ја напуштат болницата доколку не го добијат лекот.
Во Јужна Африка, лекот стана бојно поле – лекарите укажуваат на недостиг од докази, но многу пациенти очајно сакаат да го добијат бидејќи дистрибуцијата на вакцини е делумна и проблематична. Една општа лекарка во земјата опиша роднина, регистрирана медицинска сестра, која не закажала примање вакцина против коронавирусот што ѝ следувало, а потоа го фатила вирусот.
„Кога почна да се влошува, наместо да добие соодветна проценка и третман, таа се лекуваше со ивермектин“, вели таа.
„Наместо да се консултира со лекар, таа продолжи со ивермектинот и ја ставија на кислород. Кога слушнав колку ѝ е ниско нивото на сатурација (66%), ја молев нејзината ќерка да ја однесе во болница.“
„Во почетокот не сакаа, но ги убедив да одат. Таа почина неколку часа подоцна.“






