Околу 29 отсто од возрасните Американци денес не се врзуваат за ниту една вера, според резултатите на студијата објавена неделава. Пред 14 години ги имаше 16 отсто, пренесува агенцијата Франс прес.
Во Америка, домот на моќната, десна политичка фракција на христијани, доминантната религија и понатаму е христијанството. Но бројот на верници значително опаѓа, покажуваат резултатите на Пју. Дури 78 отсто од возрасните Американци во 2007 се декларирале како христијани. Сега ги има 63 отсто.
Пју оние кои не се сметаат за верници, па се декларираат како агностици, атеисти и „ништо одредено“, почна да ги води во статистиките во 2007 година.
Тогаш имало пет христијани на секое лице кое се изјаснувало како агностик или атеист, додека денес ги има само двојно повеќе, истакнуваат истражувачите. Пју не ги дава причините за овој тренд, но тоа е во согласност со раширеното напуштање на христијанството низ Западот, пишува Франс прес.
Во 2019 година трендот на пораст на бројот на агностици или атеисти бил особено изразен меѓу младите лица, наведува Пју. Истражувањето покажува дека секуларното поместување е најголемо меѓу протестантите, додека кај католиците во последните години популацијата и понатаму стабилно се држи до религијата.
Анкетата е спроведена на примерок од 4 илјади анкетирани меѓу мај и август оваа година.






