четврток, 30 април 2026

Десетте години на власт на Ким: три средби со Трамп, двајца мртви роднини и нуклеарен арсенал

Објавено на

часот

Сподели

Спротивно од повеќето свои колеги, неоптоварен од грижи поради избори или ограничениот број мандати и со годините на своја страна, бидејќи е едвај во доцните триесетти, Ким може да очекува дека, ако го послужи здравјето, на должноста ќе остане со децении.

Што покажуваат првите десет години власт?

Тоа е сосема поинаква перспектива од некој демократски политичар кој секој ден мора да мисли на насловните страници, а Ким е веќе подолго на должност од повеќето шефови на држави со кои ќе се сретне во иднина.

Неговите први десет години ја покажуваат насоката во која би можел да оди, истакнуваат аналитичарите, од изолацијата и развојот на нуклеарното оружје до настапот на дипломатската сцена со најмоќните светски лидери.

„Северна Кореја ќе го задржи својот конфронтациски пристап во однос на Соединетите Американски Држави и ќе ги провоцира и тактички ќе ги предизвикува, но истовремено ќе внимава да не ја премине границата и да не ги уништи целосно односите“, вели Ким Јин Ха, научник на Корејскиот институт за национално обединување за Франс прес.

Го сметаа за марионета

Повеќе од шест години откако ја наследи власта од својот татко Ким Џонг Ил, кој умре на 17 декември 2011, Ким не излезе од својата изолирана земја ниту се сретна со кој било странски лидер.

На почетокот некои го сметаа за марионета на севернокорејските генерали и бирократи на Работничката партија, но тој сурово го наметна својот авторитет погубувајќи го за велепредавство високиот функционер Јанг Сонг Таек, својот тетин.

Го обвинуваат за убиството на својот полубрат

Ким го обвинуваат и за убиството на постариот полубрат Ким Џонг Нам, извршено со боен отров на аеродромот во Куала Лумпур.

Истовремено го надгледуваше брзиот развој на оружјето. Спроведе четири од шесте севернокорејски нуклеарни експерименти, а во 2017 лансираше балистички проектили кои можат да го погодат целото американско копно, пркосејќи на сè построгите санкции на Советот за безбедност на ОН.

Со месеци разменуваше остри зборови со тогашниот американски претседател Доналд Трамп, разгорувајќи ги стравувањата од оружен судир на Корејскиот Полуостров.

Тогаш прогласи дека севернокорејскиот нуклеарен арсенал е „целосен“ и затропа на вратата на надворешниот свет.

Вистински момент

Со помош на мирољубивиот јужнокорејски претседател Мун Џае Ин, Ким во 2018 стана првиот севернокорејски лидер кој се сретнал со актуелен американски претседател на самитот во Сингапур, кој ги освои светските насловни страници.

Су Ким, аналитичарка на Корпорацијата РАНД, кажа дека севернокорејскиот нуклеарен арсенал е главно заслужен што таа средба се случила.

„Севернокорејската програма за развој на оружје, веродостојноста на нуклеарната и ракетната закана и вистинската комбинација од лидери – Трамп, Мун и Ким – придонесоа за стекнување на условите“ за таа средба, кажа таа.

Со само една средба дебелиот млад лидер го шармираше американскиот бизнисмен и ријалити водител, постар речиси 40 години.

Трамп се фалеше дека воспоставил „специјална врска“ со него, дури дека почувствувал „љубов“ кон него, а некогаш му се потсмеваше дека е „човече со ракета“.

Трансформацијата на суровиот, смешен диктатор

Истата година ким разговараше во шума со Мун и одржа неколку средби со кинескиот претседател Си Џинпинг, својот главен заштитник.

„Предизвика восхит“, вели Сунг Јун Ли, професор по Корејски студии на Универзитетот Туфтс.

„Суровиот, смешен диктатор се трансформираше во одговорен господар на нуклеарни бомби склон на мир и реформи, кој би можел да биде уверен да се согласи на денуклеаризација“.

Пријателската атмосфера кратко траеше: вториот самит на Трамп и Ким во Ханој пропадна поради прашањето за попуштање на санкциите и она од што Пјонгјанг за возврат би можел да се откаже.

Трамп брзо одлета од главниот град на Виетнам, а Ким се врати со воз дома со празни раце.

Новиот состанок во демилитаризираната зона која го раздвојува Корејскиот Полуостров не овозможи излегување од ќорсокакот.

Заеднички противник

Севернокорејскиот династија-режим и владејачката Работничка партија полагаат право на власта повикувајќи се на национализмот. Тврдат дека се заслужни за завршувањето на јапонскиот колонијализам по Втората светска војна и „победата“ во Корејската војна, која траеше од 1950 до 1953, и се гордеат со спротивставувањето на САД сè до сега.

Функционерите и аналитичарите сметаат дека Ким никогаш не намеравал сосема да се откаже од нуклеарниот арсенал, кој Северна Кореја го развива со децении со голема цена во ресурси и изолација.

„Тој не може да го нахрани народот, но може да го одржи својот режим на власт со оружје“, вели Су Ким од РАНД. „А тоа на Ким му е најважно“.

А бидејќи Соединетите Држави долгорочно очекуваат тензии со Кина, Ким ќе има прилика да го следи примерот на својот дедо Ким Ил Сунг.

Основачот на Северна Кореја вешто ги користеше тензиите меѓу Москва и Пекинг вртејќи ги едната комунистичка држава против другата во своја корист.

Односите меѓу Пјонгјанг и Пекинг, воспоставени во Корејската војна кога нивните сили се бореа против Јужна Кореја и САД, беа „преполни со љубов и омраза“, вели професорот Ли од Универзитетот Туфтс.

„Ниеден не го сака другиот, но признава дека оној другиот е негов најблизок сојузник во смисла на стратегијата, идеологијата, историјата и кротењето на САД, заедничкиот непријател“.

Значителен успех

Ким само треба да погледне преку границата во Кина за да се увери дека растот на просперитетот низ годините може да ја зголеми популарноста на еднопартиската држава.

Но, за кинеска жал, додека Северна Кореја трупаше бомби и проектили, со децении лошо ја водеше својата економија, дури и пред санкциите, поради што нејзините граѓани патат од хроничен недостиг од храна/

Бидејќи има слаб здравствен систем, минатата година ги затвори границите откако во Кина се појави коронавирусот.

Самонаметнатата блокада и понатаму е на сила и иако Пјонгјанг инсистира дека болеста не се појавила на неговата територија, во што аналитичарите не веруваат, Ким призна дека има проблеми со пандемијата и го предупреди народот да се подготви за „најлошата ситуација“.

„Економски, Северна Кореја е на самото дно на меѓународниот поредок“, вели Парк Вон Гон, професор по севернокорејски студии на Универзитетот Евха во Сеул.

„Но, со својот нуклеарен арсенал може да има влијание во процепот меѓу двете светски сили, САД и Кина.

Би го сметал тоа за значителен успех на Пјонгјанг“, заклучува професорот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ