За нарушувањата на воздушниот простор на социјалната мрежа Икс извести портпаролот на австриската армија Михаел Бауер, а швајцарскиот портал 20 минутен ја објави веста. Според објавените информации, во неделата два помали авиони од типот ПЦ-12, кои американските воздухопловни сили ги користат под ознаката У-28А, прелетале над областа Тотес Гебирге во Горна Австрија без потребните дозволи за прелетување.
Откако биле пресретнати од австриски „јурофајтери“, американските авиони се свртеле и се вратиле во Минхен. Сличен инцидент се повторил и во понеделникот, кога два авиони ПЦ-12 на американската армија повторно биле забележани во австрискиот воздушен простор. И овој пат, „јурофајтери“ биле испратени за да се идентификуваат леталата.
За разлика од случајот од неделата, за кој е потврдено дека дозволи не постојат, за вториот инцидент сè уште не е јасно дали авионите ги имале потребните дозволи, кажа Бауер.
Австриската армија сè уште не прецизирала какви ќе бидат последиците од овие инциденти. Како што објави 20 минутен, портпаролот Бауер изјавил дека прашањето ќе се реши преку дипломатски канали.
Швајцарскиот портал наведува и дека во последно време немало нарушувања на швајцарскиот воздушен простор од страна на американски воени авиони. Во изминатите три дена се регистрирани вкупно девет овластени прелети на американските воздухопловни сили над Швајцарија.
Авионите ПЦ-12, произведени од швајцарската компанија Пилатус, првенствено ги користат американските воздухопловни сили за извидување и надзор. Овие машини ги користат и специјалните сили на АФСОК. Во ретки случаи, тие можат да послужат и како мобилни комуникациски станици или транспортни авиони.






