Во Скопје повторно паѓаат најголемите европски ракометни екипи, денеска пред Вардар на колена во „Јане Сандански“ клекна Алборг, актуелниот европски вицешампион.
Мечот почна изедначено, се играше гол за гол, до 4-4, но потоа Алборг направи серија и поведе со четири гола разлика, 8-4. Во тие моменти судбината на Вардар не изгледаше добро. Но Вујовиќ го повлече клучниот потег, на местото од Томовски во игра влезе Борко Ристовски и почна да реди одбрани.
Борко беше брилијантен на голот, а нападот на Вардар функционираше одлично. Негативата брзо беше надополнета, на полувремето се замина со нерешени 16:16.
Во почетокот на второто полувреме Вардар поведе и водството го сочува до самиот крај. Најголемата предност македонскиот тим ја имаше при крај, кога поведе со четири гола разлика, 28:24. Потоа следуваше серија на Алборг, кој дојде на -1, но последните две минути му припаднаа на нашиот тим за победа од 30:28.
Без дилеми јунак на натпреварот беше Борко Ристовски со 16 одбрани. Оливие Њокас со 7 гола беше најефикасен во составот на Вардар, Дибиров постигна 6, Тото 5. Кај Алборг Бјорнесен даде 6 гола.
По три кола Вардар е прв на табелата со две победи и едно реми, од таму може да го симне само Кил, кој утре го игра својот меч, му гостува на Монпелје.






