Натпреварувачи од дваесетина земји ќе настапат во дисциплините street, vert и bowl. Натпреварите ќе вклучуваат квалификации, финалиња и специјални настапи, а настанот традиционално привлекува и голем број посетители од цела Европа. Овој тридневен фестивал е дел од Светскиот скејбординг куп.
Мистик скејт купот се одржува од 1994 година, во самиот центар на Прага, и важи за едно од најреномираните и најдолговечни скејт натпреварувања во Европа. Во неговата историја учествувале некои од најголемите имиња во спортот, како Тони Хок, Дејвид Гонзалес, Дастин Долин, Кристијан Хосои, Рони Кригер, Арто Саари, Џеф Роули, Бастиен Салабанци, Рун Глифберг, Летиција Буфони, Анџело Кaро, Адриен Булард и многу други.

Годинава, настанот повторно ќе го води легендарниот Дејв Данкан од Калифорнија, препознатливо лице на фестивалот уште од самите почетоци.
Освен спортскиот дел, програмата нуди богата музичка сцена со настапи на меѓународни и локални бендови и диџеи, како и зона во која водечките брендови ги претставуваат своите најнови производи. Во живо ќе настапат светски имиња како Dilated Peoples, Dog Eat Dog и Dune Rats.






