Како што пишува професорот Жежов, малкумина знаат дека личното досие на актерот во архивите на УДБА било заведено под оперативното име „Табакера“, токму по неговата легендарна улога на Гоце Делчев во истоимената телевизиска драма.
„Самото име на досието покажува дека УДБА дури иронично си поигрувала со судбината на Ристо Шишков, именувајќи го неговото досие со името на филмското достигнување по коешто македонскиот актер стана познат пред јавноста“, посочува Жежов.
Историчарот нагласува дека досието на Шишков било отворено во почетокот на 1970-тите години и дека уште во првичните документи актерот бил означен како извршител на „усна непријателска пропаганда“ и „македонски национализам“.
„Во прашалникот од досието поврзан со воведните документи покрај личните податоци за Шишков, се добива слика за две важни работи: Како прво, актерот немал никакви контакти со УДБА и второ, дека е наводен извршител на ‘усна непријателска пропаганда (македонски национализам)’. Овие две одредници, со сите незначителни модификации извршени со бројните извештаи, писма, информации од доушници и други материјали, ќе го одредат текот на животниот пат на Ристо Шишков сѐ до неговата трагична смрт. Тајната комунистичка полиција не можела да се помири со фактот дека не успеала Ристо Шишков да го направи свој соработник, како што се случило со други личности од областа на културата во тогашна социјалистичка Македонија. Но, затоа раката на УДБА преку нејзиниот систем на сврзани садови го контролирала животот на македонскиот актер дури и во деновите и месеците кога тој го достигнал врвот на својата слава“, вели Жежов.

Особено чувствителни за службите биле неговите ставови за положбата на Македонците од Егејска Македонија, како и критиките кон тогашниот југословенски претседател Јосип Броз Тито.
„Особено чувствителни за УДБА биле извештаите од оперативните работници и кодошите каде што јасно се гледа дека Шишков отворено го напаѓал југословенскиот претседател Тито и неговата сопруга, што се сфаќало како највисок непријателски чин против Југославија, нејзиниот уставен поредок и социјалистичкото општествено уредување. Но, по повод сите овие истапи, УДБА и соодветните државни органи не можеле веднаш да преземат конкретни мерки против Шишков, затоа што се работело за вербален деликт, а и популарноста на актерот претставувала извесна пречка. Како УДБА можела веднаш да го затвори и осуди Шишков, затоа што го навредувал Тито, партијата и државното уредување без некои посериозни настапи од негова страна, на јавни места, пред поголем број на сведоци“, прашува професор Жежов.
Досието на актерот со текот на времето нараснало на повеќе од 700 страници, исполнети со извештаи, белешки од информатори, прислушувани телефонски разговори и службени анализи.
Но, според Жежов, токму зависта и личните интереси на поединци од тогашните културни кругови одиграле значајна улога во неговата дискредитација.
„Зависта и злобата биле главен мотив кај дел од доушниците на УДБА за да го дискредитираат Шишков, а неговата емоционална состојба и незадоволството поради статусот на Македонците од Егејска Македонија да го прикажат како антидржавен чин“, нагласува Жежов.
Кулминацијата на притисоците следувала во 1979 година за време на снимањето на филмот „Води“ во Струга. По вербален конфликт со членови на филмската екипа, против Шишков била покрената кривична постапка, а подоцна бил осуден и испратен на издржување затворска казна.
„Работите излегле вон контрола при една наизглед безначајна филмска сцена во којашто македонскиот актер требало да глуми секвенца на пијан српски жандарм во кафеана, а сцената се повторувала неколкупати заради забелешките на членови на екипата околу говорењето и познавањето на српскиот јазик од страна на Ристо Шишков. Иако тоа била сурова реалност, настаните за актерот се ределе како на филмска лента, по претходно утврдено сценарио, но не од филмски работник, туку од Службата за државна безбедност УДБА. Емоциите на бардот на македонскиот филм и театар во тој миг биле на највисоко ниво. Вербалниот конфликт што избил меѓу него и членовите на филмската екипа кои биле од другите југословенски републики бил искористен од државните институции, конечно да покренат кривична пријава во којашто Шишков се обвинувал за националистички и шовинистички навреди кон лица од друга националност“, вели Жежов.

По излегувањето од затвор, следувале нови притисоци, сè помалку улоги и постепена маргинализација на актерот кој дотогаш бил едно од најголемите имиња на македонската сцена.
„Неговата големина му пресуди. Неговите огромни актерски способности беа причина да му пресудат потпросечните и безначајните. Во крајно тешка состојба, маргинализиран и речиси заборавен, Ристо Шишков по кратко боледување прерано го заврши својот животен пат на 17 јуни 1986 година“, потсетува Жежов.
Четири децении по неговата смрт, улогите на Ристо Шишков остануваат живи во колективната меморија. За професорот Жежов, Македонија сè уште има долг кон актерот чие име е врежано во историјата на македонската култура.
МИА






