Од Министерството велат дека за изградба на Дата центар потребно е да се исполнуваат сите технички услови кои се строго пропишани во законите, да се направат сите видови студии и да се обезбеди квалитетна работа.
„Инвестициите во дата центри изнесуваат милијарди евра во сите развиени држави низ Европа и Америка, развојот на технологијата и вештачката интелигенција е еден од главните двигатели на модерните држави. Во изградба на еден дата центар во просек се ангажираат барем 300 работници, додека за оперативно работење на дата центар се вработуваат околу 100 високо квалификувани инжинери. Дата центрите се предводници во искористување на зелената енергија и ја зајакнуваат транзицијата кон зелена енергија. Со самиот развој на вештачката интелигенција дата центрите се неопходни и од тие причини државата треба да води паметна политика која во чекор ги следи новите треднови во технологијата“, велат од Министерството.
За разлика од СДСМ, дополнуваат оттаму, актуелната Влада е посветена на нови инвестиции од стотици милиони евра.
„СДСМ сакаат државата да не напредува, да не се модернизира и да нема големи проекти. Во време на СДСМ главни проекти беа криминалните проекти како што беа модуларната болница во Тетово, очајниот обид за криминал преку набавка на вакцини од компанијатa Стабри , бизнисите со марихуана, тендерите за пријатели на Венко Филипче во здравството. Да ја потсетиме јавноста и на една легендарна изјава дека Фејсбук и Гугл чекаа на граница да инвестираат во Македонија. Штом СДСМ е против изградба на дата центри значи дека сме на прав пат и дека одлуката е добра! Државата избира напредок и нови технологии, времето на криминал и корупција е одамна завршено“, се наведува во соопштението на Министерството.
Дојчиновски денеска на прес конференција побара мораториум на изградба на нови, како што рече, странски комерцијални дата центри кои користат системи со вода и предупреди дека „Владата на Христијан Мицкоски турка проекти кои носат сериозни ризици за водните и енергетските ресурси на државата“.
„Овие објекти трошат екстремни количини електрична енергија и чиста вода, додека економскиот поврат – вработување и даночни приходи – е минимален. Еден голем дата центар троши меѓу 1 и 3 милиони литри питка вода дневно, колку што троши град со 15.000 до 30.000 жители. Нашиот енергетски систем е веќе ранлив. ЕСМ работи со загуби и застарена технологија, МЕПСО има проблеми со балансирањето поради соларниот бум, а ЕВН се соочува со раст на пазарните цени. Додавањето на масивни 24/7 потрошувачи ќе ја зголеми зависноста од увоз, ќе ги покачи сметките за струја за граѓаните и ќе ја загрози стабилноста на мрежата. Вработувањето е исто така разочарувачко, само 25 до 50 директни работни места по објект, со поголемиот дел од управувањето на ‘remote’. Ова не е развој, туку создавање на ‘изолирани острови’ кои црпат ресурси, а профитот го извезуваат надвор“, рече Дојчиновски.






