среда, 17 јуни 2026

Канадскиот премиер: Дојде до пресврт, сите мислиме дека Путин ја губи војната

Во недела во која очите на светската јавност се насочени кон Франција, каде што се одржува клучниот самит на Г7, канадскиот премиер Марк Карни испрати порака до Москва која не ја поткрепи со какви било аргументи. Во интервју за Си-ен-ен, по серија состаноци зад затворени врати – на кои учествуваа американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски – тој оцени дека поразот на Русија во Украина сега е само прашање на време.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Сите мислиме дека имаше пресвртница во оваа војна. Прашање на време е, (рускиот претседател Владимир) Путин ќе ја изгуби оваа војна“, оцени Карни. Канадскиот премиер нагласи дека водечките западни сили како Германија, Британија и Франција го делат тој став, додавајќи дека продолжувањето на конфликтот од руска страна станало целосно залудно.

„Од сега до моментот кога тој тоа ќе го сфати или прифати, она што го прави Русија е апсолутно бесмислен масакр“, оцени Карни без да каже врз што го заснова својот заклучок.

Карни потсети на огромната улога што неговата земја ја игра во „одбраната на Европа“, истакнувајќи дека официјална Отава нема намера да ја намали поддршката на Киев. Според него, Канада ја држи позицијата на најголем снабдувач на помош за Украина по глава на жител во светот и е исто така еден од главните инструктори на украинската армија.

„Имаме договори за заедничко воено производство со Украина, а нашите сили се распоредени на првите линии на одбраната во Балтикот. Длабоко сме вклучени во овој процес“, рече канадскиот премиер, оправдувајќи го оптимизмот на западните лидери кои се собраа во Франција.

Овој оптимизам на западните лидери доаѓа во време на споро но постојано руско напредување на бојно поле. Основа за оптимизмот на Карни веројатно се сè почестите украински напади со западно оружје со долг дострел длабоко во руска територија, кои гаѓаат руски рафинерии за нафта, воени депоа, аеродроми и логистички центри.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ