Во јануари 2018, Арсенал и Манчестер јунајтед решија да соработуваат на трансфер пазарот, Алексис Санчез беше испратен на Олд Трафорд, а Хенрих Мхитарјан заврши на Емирати.
Поранешниот директор на „топчиите“, Дик Лоу сега даде свое видување за трампата, вели дека сите останале шокирани кога слушнале колку пари „ѓаволите“ ќе му платат на Чилеанецот.
„Имаше неколку работи кои треба да се испеглаат, како прво, прценката на играчите, секој газда мисли дека неговото коњче е најубавото на изложбата“ – вели Дик Лоу за Атлетик.
„Санчез сакаше да се пресели во Манчестер јунајтед и Мхитарјан сакаше да дојде во Арсенал, затоа зделката се реализираше. Проблем се и преговорите со играчите и провизиите на агентите“.
„Сите останавме шокирани кога слушнавме колку пари Манчестер јунајтед ќе му плати на Алексис Санчез и неговиот агент“.
Според магазинот Шпигел, кој имаше можност да ги прелиста документите од „Фудбал ликс“, Санчез од Манчестер јунајтед добил плата од фантастични 391.000 фунти неделно, како и бонус за потпис од 6,7 милиони фунти. Хенрих Мхитарјан пак од Арсенал добил неделна плата од 144.000 фунти, како и бонус за лојалност од 8,5 милиони фунти.
Агентот кој ја водел зделката е Мино Рајола, па може да се претпостави дека неговата провизија била прилично висока.






