Со двата порази од Австрија и Украина, Македонија ги загуби шансите за пласман во следната фаза од Европското првенство, па на мечот со Холандија ќе се обидеме да одиграме за добар впечаток и да го освоиме првиот бод на големите натпреварувања.
„Разочарани сме од резултатите, затоа што сакавме од добрата игра да извлечеме подобри резултати, но очигледно тоа не беше доволно. Сепак, мотивирани сме зашто играме за Македонија, а секако дека имаме што да кажеме и на овој последен меч. Сега се надевам дека конечно и среќата, а и мечот, нашата игра ќе бидат на наша страна за добар резултат“, вели Муслиу.
„Знаеме која е Холандија, знаеме сите за квалитетите на оваа земја, за тоа како играат, за техничкиот фудбал, но ако сакаме да ги спречиме, ќе мора да играме како што сме играле против големи селекции. Само со тимска одбрана и тимски дух може против силните и фаворитите да извлечеш добар резултат. Таа игра секогаш те става во ситуација на дефанзива, а ние сме спремни да им ги спречиме сите акции, а со контри да ги изненадиме“.
„Секогаш има простор за подобрување, но нас тоа што нѐ красеше како тим, како дефанзива, прескапо ги плативме тие ситни грешки. Но, ова е Европско првенство и знаеме дека и најмала деконцентрација се казнува. Сега се надевам дека ќе бидеме на највисоко ниво, а ако сакаме резултат, ќе мора тоа да го направиме – максимално во тек на цел меч да играме“.






