Македонија утре ги продолжува настапите во квалификациите за СП 2022, „црвено-жолтите“ гостуваат во Вадуц. На првиот натпревар во март оваа година, славевме со 5-0, немаме пораз во досегашните премсетки со Лихтенштајн но Благоја Милевски вели дека мора да се заборави статистиката и традицијата.
„Овој меч ќе биде поинаков од сите претходни, не треба да се базираме на статистиката и традицијата. Во денешниот фудбал нема формален натпревар, мора да се истрча на терен и да се одигра на највиско ниво за да се дојде до победа“ – вели селекторот на Македонија.
„Не чувствуваме притисок. Не бегаме од фаворитската улога, од тоа што го видов на тренинзите, каква е концентрацијата и мотивацијата кај фудбалерите, уверен сум дека ќе ја оправдаме фаворитската улога и ќе дојдеме до победа на утрешниот меч“.
На последните три натпревари, Лихтенштајн добри ги намачи Германија и Романија, а успеа и да извлече бод против Ерменија.
„Лихтенштајн на последните мечеви, како со Германија и Романија, а посебно со Ерменија покажа дека е цврста селекција која има исклучителна тактичка дисциплина. Станува збор за квалитетен тим и тоа го покажа, па мораме да бидеме на највиското ниво за да победиме. Јас ќе бидам задоволен со три бода, а за тоа ќе ни треба и многу концентрација и многу труд на теренот“.






